Палминото масло е голем непријател за животната средина и за биодиверзитетот, затоа што неговата примена, меѓу другото, води и кон уништување на шумите. Еколозите ширум светот често водат кампањи со кои ја информираат јавноста да не ги користи прехранбените производи што содржат палмино масло. За палминото масло што се продава како биодизел, досега не се зборуваше многу. Но, тоа ќе се промени.
Комисијата за транспорт и животна средина на ЕУ објави извештај за количината на палмино масло што возачите во Унијата ја согоруваат во своите дизел автомобили како биодизел. Лани во биодизелот во ЕУ биле додадени рекордни 4,5 милиони тони палмино масло. Тоа е резултат од новата регулатива на ЕУ за зголемување на уделот на „биодизелот“ во горивата на 7 проценти, со цел да се намали загаденоста што ја предизвикуваат дизел возилата.
Во извештајот се заклучува дека „според последните податоци од ЕУ, 45 проценти од глобалната експанзија на палминото масло од 2008 година наваму предизвикале дефорестација, што значи дека дизелот од палмино масло е трипати повеќе штетен за климата од обичниот дизел. Во просек, биодизелот врз база на храна испушта најмалку за 80% повеќе стакленички гасови од дизелот од фосилно потекло.“
Кристина Местре, одговорна за биогорива во Комисијата за транспорт и животна средина на ЕУ „лудилото на согорување храна во автомобило мора да запре што е можно поскоро. Оваа погрешна политика на биогорива ги зголемува глобалните цени на храната, предизвикува дефорестација и кломатски промени, а се заканува и на локалните заедници и на загрозените видови. Лидерите на ЕУ имаат единствена можност уште од следната година да ги забранат сите биогорива што се базираат врз храна, вклучувајќи го палминото масло.“
Биогоривата долго уживаа статус како чиста алтернатива на обичниот дизел или бензин. Без вистинска претстава за проблемот, голем број влади, особено во Европа, го поттикнуваа, го повластуваа, па дури и го условуваа користењето на биодизелот, без оглед на неговото штетно влијание.
ЕУ се откажува од поддршката за биодизелот. Државите во ЕУ од минатата година повеќе не се обврзани да користат биогориво базирано врз храна. Од 2021 година, членките ќе воведат нова регулатива, со којашто дури и ќе се забрани користењето на биогорива што се добиени од извори на храна.
Повеќе од четири петини (81,5%) од производството на дизел од палмино масло во Европа потекнува од Шпанија, Италија и Холандија. Повеќе организации моментно спроведуваат акции кои треба владите во Франција, Германија, Италија, Шпанија и Холандија да ги убедат да се откажат од јавната поддршка за биогорива од храна, вклучувајќи дизел од палмино или соино масло, уште од следната година.