Кризата на рускиот пазар на автомобили силно го погоди германскиот производител. Производството во фабриката на Opel во Ст. Петерсбург ќе продолжи дури во јуни.
Opel реагира на слабата продажба на возила на рускиот пазар. До мај ќе мируваат производствените ленти во најголемата руска фабрика на Opel во Ст. Петерсбург. Околу 1.000 вработени дотогаш ќе бидат на принуден одмор. Лани на пазарот во Русија се продадоа 2,5 милиони автомобили или 10,3 проценти помалку отколку во 2013 година. Слабата рубља и нестабилниот пазар, којшто беше дополнително погоден од кризата во Украина, предизвикаа длабока криза во земјата. Opel претрпе најсилен удар од странските марки, со намалувањето на продажбата за дури 20 проценти. Марката со молњата лани продаде само 65.000 возила на ускиот пазар, додека марката сестра Chevrolet забележа уште поголем пад од дури 30 проценти.
General Motors уште во декември привремено ја прекина продажбата на возила поради огромната девалвација на рубљата. Целта беше да се намали ризикот од курсните промени. Три месеци пред тоа, Opel најави отпуштање на 500 работници и сведување на производството во само една смена.
















