за

Кои беа Tigra, Scamp, Roadster на штандот на Opel на ИАА во 1993 година?

Пред триесет години, на салонот во Франкфурт во 1993 година, Opel излезе пред светот со тројка концепти базирани на Corsa. Едниот стана легенда.

Нивните имиња се Opel Tigra, Scamp, Roadster. Тоа беше тројка составена од малечко купе со 2+2 седишта, современ пикап со четири седишта и родстер со две седишта. Тие беа изработени врз платформата на штотуку стартуваната 2-ра генерација на Opel Corsa.

Меѓу големите изненадувања за публиката на 55-от ИАА, големиот салон на автомобили во Франкфурт, во 1993 година, секако дека се најде и триото малечки автомобили на Opel.

Германската марка имаше убава замисла. Тие сакаа на младите луѓе да им понудат автомобили, што се убави и се пријатни за возење, но исто така се достапни, располагаат со високо ниво на безбедност и подносливи се за животната средина.

Одушевеноста на публиката достигна толкава мера, што Opel уште во следната година, во есента 1994 година, речиси без какви било измени го пушти во сериско производство купето Tigra. Секако дека за тоа имаше влијание и огромниот успех на големата Calibra.

Opel Tigra шест години беше неприкосновена на пазарот. Освен со младешкиот и динамичен имиџ, како и со препознатливиот изглед, со страничната Z-линија и со оригиналното задно стакло, Tigra привлекуваше и поради малите димензии и ниските трошоци за одржување.

Opel Tigra rear 20071212.jpg

Германската марка го нудеше малото купе со два 16-вентилски мотори, со по две брегасти вратила во главата, од генерацијата Ecotec, со зафатнина 1,4 и 1,6 литар.

Пливачката Франциска Ван Алмсик постигна многу за имиџот на Opel Tigra

Во втората половина од 1990-те години, Opel ја прикажуваше Tigra во секоја пригода, на концерти, на најразлични јавни настани. Многумина ќе се присетат на спотот со пливачката шампионка Франциска Ван Алмсик. Таа штотуку се прослави во светот како млад талент. Видеото покажува како Франциска наидува на застој во градот, што се чини дека ќе трае долго време, па решава да ги стави пливачките очила и со својата Tigra да се пушти во потопениот канал што се појавува под крстосницата.

Производството на Opel Tigra мораше да прекине до 2000 година, од причина што Corsa, што беше основа за купето, премина во нова генерација и техниката повеќе не беше достапна за популарното купе.

Прекинот траеше до 2004 година, кога Opel ја врати Tigra на сцената, како малечок двосед со метален покрив, што се склопуваше во багажникот. Новата Opel Tigra TwinTop исто така се нудеше со 16-вентилски ECOTEC, со таа разлика што 1,6-литарецот од првата Tigra беше заменет со 1,8-литарец со 125 КС.

Opel Tigra 2 vl.jpg
 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тоа е втората најпродавана Kia и сега добива освежување

Италија: Fiat вели пробајте Nuova 500 на седум денови и ќе ја засакате засекогаш