за

Opel Mokka поштедлив за 20 проценти со новиот дизел мотор

„Шепотечкиот дизел“ на Opel се најде и под хаубата на малечкиот теренец Mokka. Новиот дизел во бестселерот на Opel постигнува просечна потрошувачка од 4,1 литри гориво.

Откако Opel го воведе Mokka во понудата пред две години, малечкиот спортски теренец поставува рекорд по рекорд. Со преку 275.000 нарачки, тој е најпродаван модел во сегментот, но и најпродаван модел со погон на сите тркала на марката од Риселсхајм. Од почетокот на следната година Mokka ќе има уште полесна задача да го доврши започнатото, со новиот 1.6 CDTI со 136 КС.

Новиот мотор со компактна конструкција го заменува актуелниот 1.7 CDTI и додава 6 КС и 20 њутмнетри, при помала работна зафатнина и значително намалена потрошувачка на гориво. Четирицилиндарецот од 1,6 литар спаѓа во комплетно новата генерација на дизелски мотори од Opel и во верзијата со 136 КС постигнува рекордна специфична силина во својата класа, од 85 КС по литар зафатнина. Вртежниот момент изнесува 320 њутнметри. За динамиката сведочат овие податоци: Спринтот до сто трае 9,9 секунди, додека за меѓузабрзување од 80 до 120 km/h во 5-от степен на пренос се потребни исто така 9,9 секунди. Крајната брзина изнесува 191 km/h. Во комбинација со новиот шестстепен мануелен менувач и систем старт-стоп, Mokka 1.6 CDTI постигнува просек од 4,1 литри на сто километри, што е половина литар помалку од 1.7 CDTI.

cq5dam.web.1280.1280 (12)

Прекарот „шепотечки дизел“, овој мотор го заслужи по премиерата во Astra и Zafira Tourer, со исклучително ниското ниво на бучност и на вибрации. Покрај тоа, со целосно алуминиумската конструкција, моторот е за 20 килограми полесен од актуелниот 1,7-литарски мотор. За спојот на висока моќност и ниска потрошувачка се грижат турбината со варијабилна геометрија и впрскувањето на гориво под притисок до 2.000 бари, во максимално 10 фази по работен такт. Нарачките за Mokka 1.6 CDTI стартуваат кон крајот на годината, а испораката во почетокот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рели во штедливо возење на Skoda: Победи Octavia со 2,95 l/100 km

Студија на база на Mitsubishi Outlander за салонот во Париз