за

Opel Kadett пред 40 години првпат доби дизел мотор

Во раните 1980-те години почнуваше големиот подем на дизел моторот. Opel разви мал дизел од 1,6 литар, посебно за вградување во Kadett и Ascona.

Во почетокот на 1980-те години, автомобилите со дизел мотор беа хит ширум Европа. Продажбата се удвојуваше, потрошувачката беше значително пониска во споредба со бензинците, дизелот во некои земји чинеше двојно помалку. Требаше само да се реагира брзо и да се понуди добар дизел. Opel постапи така.

На салонот во Женева, во 1982 година, Opel ги претстави изведбите на своите модели Kadett и Ascona со дизел мотор од 1.600 сантиметри кубни. Германската марка веќе имаше стекнато големо име на сцената со своите дизел мотори, посебно по Opel Rekord-D 2100, којшто доживеа премиера во раните 1970-ти години.

Новиот, мал дизел за Kadett и Ascona, располагаше со зафатнина од 1,6 литар и моќност од 40 киловати, односно 54 КС. Релативно ниската тежина на четирицилиндарецот од 138 килограми, за 20 килограми повеќе од бензинецот од 1,6 литар, произлегуваше од конструкцијата на моторот. За тоа време малиот дизел, се одликуваше со тенки ѕидови на блокот од сив лив и со мали димензии.

Пречникот и одот имаа практично „квадратен“ сооднос, 80 x 79,5 mm. Главата на моторот беше изработена од алуминиумска легура, со брегасто вратило во главата, задвижувано преку запчест ремен. Opel прв меѓу европските производители користеше хидраулично активирани чашки на вентилите. Уште една посебност на 1.6 Diesel беа биметалните издувни вентили. За преткомората се користеше конструкција Ricardo Comet V. Пумпата за гориво беше од ротирачки тип, на моторот му беше потребно мошне кусо време за предгревање.

Opel го вградуваше дизелот од 1,6 литар во целата гама на Kadett, вклучувајќи ги комбилимузинските изведби со 3 и 5 врати, и комбито со традиционалната ознака Caravan. Поседувањето автомобил со дизел мотор беше престиж, посебно во комбинација со луксузно ниво на опрема. Opel подоцна почна да го вградува дизелот и во високото ниво на опрема SR, како и во луксузниот Caravan Voyage.

Највисоката брзина од 143 километри на час можеби не звучеше најубедливо, но затоа наедоместуваше вредноста на потрошувачката од 6,6 литри на сто километри

New item by Automedia MK / Google Photos

За две години, Opel продаде 154.483 примероци од Kadett-D Diesel на европскиот пазар. Тоа беше голем успех. Кога новата генерација на Kadett, фамозната „капка“, го доживеа светлото на денот во 1984 година, дизелот беше понуден уште од старт. Во почетокот, дизелот во Kadett E беше идентичен со моторот од претходната генерација на моделот. Во 1988 година, германската марка вгради два нови дизел мотори, коишто се одликуваа со уште понапредна технологија.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првиот мотор имаше ознака TC4 EC1 и тоа беше компактен дизел со индиректно впрскување, со интеркулер, развиен заеднички со партнерот Isuzu. Со зафатнина од само 1.488 ccm (пречник/óд = 76 x 82 mm), моторот постигнуваше моќност од 72 КС (53 kW) при 4.600 вртежи, што на Kadett E му овозможуваше да достигне крајна брзина до 170 km/h.

Во јануари 1989 година следеше и вториот дизел, со ознака 17DR и зафатнина од 1.699 ccm (пречник/óд = 82.5 x 79.5 mm), со моќност од 57 КС (42 kW) пшри 4.600 вртежи. Овој мотор беше развиен посебно за користење во региони со ниска температура и располагаше со пумпа Bosch VE 4/9, како и со целосно автоматски систем за стартување на ладно. За горивото да не мрзне, филтерот за гориво имаше грејач.

Дизелите во тоа време беа неразделни од имиџот на Opel Kadett, а потоа и на Opel Astra.

Со Opel Grandland до Луке: Патување најдалеку на север

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sorentо да остане без Black Edition ќе биде чудно

Боја на чемпрес и 2,4-литарски турбо за Toyota Highlander за 2023 година