Конкурентот Volkswagen има цела ергела од комби модели со погон 4×4. Opel возвраќа на Passat Alltrack, Audi Allroad и Octavia Scout и нуди решение за оние малкумина што ги мрзат теренските автомобили.
Каде и да се погледне во последно време ќе се најде по некој дуќан со опрема за планинарење или каков било друг вид на спортување. Очигледно станува збор за нов тренд, луѓето ѝ се враќаат на природата. Авто производителите не сакаат да останат настрана од овој тренд и нудат соодветни модели за авантуристите – како што тоа последно го направи и Opel.
Марката со молњата ја пополнува празнината меѓу теренските модели Mokka и Antara со CountryTourer, новата верзија на комбито на Insignia која што има заштитна пластика за каросеријата, робусни браници и за неколку милиметри поголемо растојание од подлогата.
Исто како Audi Allroad, Passat Alltrack или Octavia Scout, но различно од многуте модели Cross, Insignia е подготвен за терен не само со изгледот, туку и со механиката. Погонот на сите тркала е стандард, исто како и челичната плоча за заштита на моторот од удари од камења и од кал.
Додека Insignia се вози по цврста подлога, како што ќе го практикуваат повеќето сопственици, авантуристичкиот карактер на возилото нема да се чувствува многу. Разликата ќе биде само во тоа што се седи на малку повисоко, се добива малку подобра прегледност и поради тоа чувството е повозвишено. Се разбира дека погонот на сите тркала ќе биде од помош секогаш кога надвор ќе стане калливо и студено. Погонот се распределува целосно варијабилно, а модулот што е дел од програмата за стабилност дејствува како блокада на задната оска.
Но, кога ќе збодне авантуристичкиот дух и ќе се посака бег подалеку од секојдневието, тогаш ќе се ценат робусното опремување и неколкуте милиметри дополнително растојание од подлогата. За тоа сепак не мора да се оди на сафари, доволно е да се направи скијачки викенд, да се спушти глисерот во вода или децата да се однесат на растрчување во природа.
Моделското освежување за втората половина од пазарниот век на Insignia, освен вклучувањето на CountryTourer, го опфати и ентериерот. Метежот од копчиња во средишната конзола конечно е надминат, воведен е и голем екран на допир, сензорско поле покрај седиштата што исто така реагира на допир, нов волан со многу копчиња и дигитален дисплеј место аналоген брзиномер.
Иако во Opel посакуваат Country Tourer да го гледаат почесто со извалкана каросерија, за нив тоа е сепак најпретставителниот модел во гамата на Insignia, па соодветно на тоа ги вградуваат само посилните мотори. Дизелите имаат 163 и 195 КС, додека за љубителите на бензинците стои на располагање единствено новиот турбомотор со зафатнина од два литри и 250 КС. Со последниов мотор, Insignia Country Tourer забрзува до сто за 7,9 секунди и постигнува најмногу 235 km/h. Според фабрика, просечната потрошувачка за него изнесува 8,1 литри. Теренската верзија на комбито на Opel е околу 1.400 евра поскапа од стандардното комби со погон на сите тркала и почнува од 31.149 евра за изведбата 2.0 CDTI со 163 КС.