Во Стелантис се случија големи промени откако презеде новиот шеф Антонио Филоса. Тие промени опфаќаат и реагирање соодветно на барањата на одделни пазари. Тоа сепак не се биле мали пазари, затоа што за поширокиот регион, што освен делови од Европа, Украина, ги вклучува Блискиот и Среден Исток и северноафриканските земји, сега посебно се нуди изведба на Опел Грандленд и други големи модели од концернот, со 1,6-литарски турбо бензинец со 180 КС и автоматски менувач, без електромотор во погонската спрега.
Опел има голема новина што ќе ги одушеви македонските возачки и возачи, кои и натаму веруваат повеќе во способноста на класичниот бензински мотор, без потпирање на помошта од електромотор. Грандленд, моделот што го означува врвот во понудата на германската марка на Стелантис, доаѓа во нова погонска изведба на македонскиот пазар, којашто не е ниту благ, ниту полн или приклучен хибрид или целосно електрифицирана и со продолжувач на досег, туку е со 1,6-литарски турбо бензинец со 180 КС, во комбинација со 6-степен автоматски менувач.
Различно од првите претпоставки, Грандленд 1.6 Турбо 180 е новата најдостапна погонска изведба во гамата на моделот. Еуропимпекс гласно го одбележува доаѓањето на новата изведба на СУВ-моделот со масовна кампања и акциска цена од 29.890 евра, во појдовното ниво на опременост Едишн. Разликата со редовната цена за моделот изнесува 3.390 евра, односно тоа е солидна заштеда од преку десет проценти во цената на моделот.
Досегашната основна погонска изведба со благ хибриден погон со 145 КС стартува во истото ниво на опременост, со редовна цена од 34.530 евра. Во гамата секако дека остануваат и приклучниот хибрид со 195 КС и двете целосно електрични изведби, со досег до 700 километри.
Моторот е достапен и во комбинација со луксузните нивоа на опременост
Воведувањето на 1.6 Турбо 180 како новитет во понудата на моделот е значајно и поради тоа што моторот е достапен и во комбинација со спортското ниво на опременост ГС, како и со луксузното ниво Ултимејт.
Моторот не е непознат на сцената. Тоа е бензинец од генерацијата ТХП, односно Принц, развиен заеднички од ПСА Пежо Ситроен и БМВ. Моторот со раскошни 300 њутнметри при 2.000 вртежи е далеку од класика, затоа што располага со бројни напредни технологии, што одат во корист и на перформансите и на штедливоста. Моторот е прочуен по тоа што освен променлива фаза за двете брегасти вратила (ВВТ), користи и променливо времетраење на отворање на вшмукувачките вентили, како и твин-скрол турбо и прецизно впрскување под притисок до 200 бари.
Тоа значи дека вешт возач што е свесен за правилата на штедливото возење, може да постигне потрошувачка на рамниште на просечен хибрид, но значи и дека моторот ќе одговори соодветно кога ќе се побара врвна моќност.
Турбо 180 спринтува секунда и пол побрзо од хибридот со 145 КС
Со 1,6-литарецот, Грандленд е 20 килограми полесен од изведбата со благ хибриден погон. Според ВЛТП, потрошувачката изнесува 6,3 литри во просек, што не е далеку од 5,5-5,6 литри што фабриката ги пријавува за хибридот. Спринтот до темпо сто трае 8,7 секунди (наспроти 10,2 с. кај Хибрид 145), крајната брзина е 201 км/ч.
До вебсајтот на Опел
Опременоста уште во појдовното ниво Едишн вклучува автоматска двозонска клима, камера за брзинско ограничување, приспособлив темпомат, паркинг сензори напред и назад, заедно со камера, дигитални инструменти, пристап и старт без клуч, тркала од лесен метал, сензор за дожд.
Со воведувањето на 1,6-литарскиот неелектрифициран мотор, Опел и останатите марки на Стелантис им парираат на некои СУВ-модели од кинески производители, што ја искористија предноста во цената поради отсуството на електрификација. Тоа ќе го врати соодносот на силите на македонскиот пазар во нормала.
















