Според новата стратегија што Стелантис ја постави на 20-ти август, концернот ќе развие два електрични модели под марката Џип, во соработка со Донгфенг, користејќи ги технологијата и фабриките на својот кинески партнер.
Потегот на Џип со новите модели што ќе се произведуваат во електрична и приклучна хибридна изведба, воедно има за цел и да ја поттикне продажбата во Кина, којашто опадна во изминативе години.
Враќањето на Џип во Кина укажува на намерата на Стелантис да го користи партнерството со Донгфенг и да добие пристап до нови и понапредни технологии, но и фабриката во Кина што во моментов не е целосно оптоварена, да ја претвори во извозна база за светскиот пазар.
Истата стратегија ја применуваат бројни традиционални производители, меѓу кои се Мазда, Нисан, Џенерал Моторс и Фолксваген, коишто од корен го менуваат функционирањето на своите компании во Кина и истите ги претвораат во движечка сила за освојување на светските пазари.
Стелантис и Донгфенг го открија планот со Џип, кога неодамна соопштија дека е постигнат напредок во новата заедничка компанија во Вухан, во централна Кина, во чијшто рамки заеднички ќе се развиваат и произведуваат возила со електрифициран погон. Стелантис и Донгфенг го потпишаа договорот во мај, којшто се однесува на марките Џип и Пежо. Во Аутомедиа ја објавивме таа вест.
Новата компанија вредна 1,2 милијарда долари со име Донгфенг Стелантис Аутомотив Технолоџи Ко, ќе развие по два модели од марките Џип и Пежо.
„Овие возила ќе почнат да се произведуваат во ДПЦА во фабриката во Вухан во 2027 година и истите ќе се извезуваат на светскиот пазар, преку меѓународната продажна и дистрибутивна мрежа на Стелантис,“ соопшти тогаш извршниот директор на Стелантис, Антонио Филоса.
Донгфенг Пежо Ситроен Аутомобил (ДПЦА) е парнерството што францускиот производител ПСА Пежо Ситроен го оформи со Донгфенг во 1992 година во Вухан, со цел да се произведуваат и продаваат возила со мотори со внатрешно согорување од марките Пежо и Ситроен. Стелантис ја презеде компанијата при создавањето на концернот во 2021 година, со здружувањето на ПСА и Фиат Крајслер.
ДПЦА ќе ги произведува новите модели на Џип и Пежо, додека Донгфенг Стелантис Аутомотив Технолоџи КО ќе биде задолжена за нивниот развој и за продажбата.
Донгфенг соопшти дека четирите нови модели ќе бидат електрични и приклучни хибридни автомобили.
Донгфенг ќе раководи со развојот на електричниот погон и на системите за автономно возење. Стелантис на тоа ќе ги додаде својата „стогодишна историја на марки, класичните дизајни и маркетингот и продажбата во светски размери,“ соопшти кинескиот производител.
Донгфенг е водечки производител на тешки камиони во Кина. Во 2009 година, компанијата првпат понуди достапни патнички автомобили со обичен погон на домашниот пазар. Од 2019 година наваму, постојано се проширува понудата со целосно електрични модели, вклучувајќи лимузини, кросовери и ванови, како и возила од премиум марката Воја.
Во 2022 година, марката теренски возила Менгши во рамките на Донгфенг, започна со производство на целосно електрични и приклучни хибридни возила.
Бурниот пат на Џип во Кина
Стелантис со новата заедничка компанија со Донгфенг стана прв светски производител на автомобили, што користи технологии од својот кинески партнер, за да го забрза развојот на електрични возила.
Овој потег претставува почеток на новото поглавје на Џип во Кина. Марката од САД, не само што повторно ќе произведува во земјата, туку и ќе ги извезува возилата оттаму.
Џип има долга историја во Кина. Првите возила на марката беа произведени таму уште во 1985 година, кога Америкен Моторс Корп започна со производство на Чероки, во заедничката компанија што беше основана во претходната година, со седиште во Пекинг и со користење на фабриките на Пекинг Аутомобил Воркс.
Производството на Чероки во Пекинг продолжи откако Крајслер во 1987 година ја презеде Америкен Воркс Корп, како и по спојувањето со Дајмлер во 1998 година.
По раздвојувањето од Дајмлер, Крајслер го прекина производството во 2008 година.
Во 2010 година, Фиат Крајслер потпиша партнерство со групацијата ГАЦ во Чангша, со намера да се произведуваат возила на Фиат. Заедничката компанија започна со производство на Џип во 2014 година и во периодот до 2018 година лансираше четири модели на Џип – Чероки, Компас, Ренегејд и Гранд Командер.
Стелантис во 2022 година ја расформира заедничката компанија, откако според податоците од ГАЦ, продажбата на овие четири модели се сведе на само 20.000 возила, наспроти врвот со 203.000 возила во 2017 година. Тоа се случи откако пазарот почна забрзано да преоѓа на електрифицирани возила.
Џип во моментов продава три увозни модели во Кина – Гранд Чероки, Вранглер и Гладијатор.
















