Opel постигнува одлични продажби во сегментот на лесни товарни возила со електричен погон, со Opel Vivaro-e. Соодветно на побарувачката расте и бројот на изведби и надградби. Електричното товарно возило е достапно во изведба Cargo, во комбинирана изведба за товар и екипаж Combi, со двојна кабина и со гола шасија. Сега на овие изведби им се придружува и верзија со отворена товарна платформа, односно сандачар.
За батеријата може да се избира меѓу 50 или 75 kWh. Возилото се изработува по посебна нарачка кај специјалистите Schoon Fahrzeugsysteme & Metalltechnik во Германија. Тоа се партнери што Opel ги има овластено да вршат приспособувања на возилата на германскиот производител, што значи дека квалитетот на изработка соодветствува со нивото на фабричката изработка.
Како основа за сандачар-изведбата служи Opel Vivaro-e со гола платформа и еден ред седишта, со меѓуоскино растојание од 3,27 метри. Товарната платформа со средна висина се изработува со врвен квалитет и располага со димензии 2,44 x 1,83 x 0,40 m (должина x ширина x висина). Вообичаено, задниот и страничните алуминиумски ѕидови се спуштаат. Челичната рампа е топло поцинкувана и доаѓа со десетогодишна гаранција против корозија.
Висината на товарниот простор од 86 сантиметри го олеснува товарањето и растоварањето. Целата површина на платформата е искористлива, благодарение на тоа што поткрилата не досегаат до неа. За лесно качување е изведено скалило од внатрешната страна на задниот ѕид. Просторот под платформата е покриен со панели, што му дава уште позрела појава на e-Vivaro.
Носивоста во изведбата на Opel e-Vivaro со батерија од 50 kWh изнесува 960 килограми
Посебно внимание е посветено на безбедноста при транспортот. Од таа причина, подот е покриен со облога што не лизга, и располага со по три прстени за прицврстување на надворешната рамка. Алатот и приборот се сместуваат во преграда длабока 2,4 метри под товарната платформа. Schoon нуди и дополнителна кутија за алат, со димензии 1,80 x 0,63 x 0,53 m, којашто се прицврстува веднаш зад кабината. Цената за надградбата врз голата платформа кај германскиот изведувач изнесува 6.890 €, без ДДВ.
Со едно полнење, електричниот сандачар може да мине до 328 километри
Батеријата е вградена под товарната платформа и не ја ограничува практичноста на Vivaro. Моќноста од 100 kW и максималниот вртежен момент од 260 Nm одговараат за сите услови на примена. Крајната брзина е ограничена на 130 km/h. Со големата батерија од 75 kWh може да се вози до 328 километри.
Полнењето може да се врши и на брз полнач со моќност до 100 kW. Во тој случај, батеријата од 75 kWh се полни за 45 минути до 80 проценти. Возилото располага со сопствен полнач од 11 kW. Гаранцијата за батеријата важи 8 години или 160.000 километри.
Во гамата од товарни модели со погон на струја на Opel влегуваат уште Combo-e Cargo и Movano-e. Постои и изведба Vivaro-e HYDROGEN, којашто користи водород како погонско гориво.
Opel на Китка ја претстави гамата возила за работа и за веселби