за

Volkswagen T-Roc или моделот што му должи милион купувачи на Golf

Пред близу пет години уште беше неизвесно како пазарот ќе го прифати комплетно новиот модел, како кросовер изведба блиска до Golf. Volkswagen T-Roc излезе милионер.

За Volkswagen уште постои убедување дека постапува резервирано кога треба да се воведе некој нов моделски концепт што е во тренд, а посебно кога треба нешто првпат да се понуди на пазарот. Тоа е основата на стратегијата на марката, што наједноставно може да се разбере: Ако нешто не се продава во милионски тираж, нема ниту да добие знак на Volkswagen. Ете го за пример T-Roc, милионер по четири години на пазарот. Кросоверот во освежено издание е дојден во салонот на Порше Македонија.

Конзервативна стратегија, велат. Во 2004 година, Volkswagen го понуди Golf V Plus, како преодно скалило меѓу Golf и Touran, практично Golf со повишен покрив и екстра практичност. На тоа следеше и мала варијација, Golf V Crossgolf во стил на теренец, со зголемено растојание од подлогата. Двојката Plus и Crossgolf продолжи и во 6-та генерација на Golf, а потоа и во 7-та генерација, како Sportsvan. Колку пазарот ги цени и бара овие модели, доволно е да се погледне нивото на цени на користен Plus. Постојат уште бројни модели што можат да се донесат во врска во моделот, но тоа е главно претходницата на T-Roc.

Со таква претходница, зарем требаше да се случи нешто помалку од тоа, T-Roc со техника од Golf VII и малку поедноставена спецификација, да надмине милион продажби по само четири години од стартот? Кросоверот своевремено беше на тест и во редакцијата на Аутомедиа, па тогаш заклучивме дека е прилично неодоливо, тоа што кросоверот дополнително нуди можност да се вози автомобил што е несомнено Golf, по патишта што не се соодветни за софистицираниот имиџ на Golf. Реално, сцената ретко има видено T-Roc да се вози по земја или извалкан да се шета по булеварите. Јасно дека T-Roc е стилски модел, којшто има беспрекорно алиби, со тоа што е блиску до Golf.

Според последната детална статистика, T-Roc во мај постигнал 16.971 продажби во ЕУ-27, како 4-ти најпродаван модел, додека Volkswagen Golf е едно место подолу, со 14.937 примероци

Volkswagen T-Roc во меѓувреме вози во освежена генерација. Светлата стандардно располагаат со диодна техника, вклучувајќи го и долгото светло. Дневното светло и трепкачите сега се интегрирани во предните светла. Во средното ниво Style, дневните светла се издвоени во препознатливата шестаголна форма во браникот, а исто и трепкачите се изведени во форма на L во долниот дел од главните светла.

Во спортското и воедно топ-ниво T-Line, дневните светла се поставени вертикално во браникот, исто како во спортскиот модел T-Roc R. За матрични диодни светла со по 24 модули по светло, коишто се сериски за „R“ може да се доплати 784 евра во средното ниво Style. Тоа е една од убавите вести, затоа што оваа техника што практично прави да нема разлика меѓу возењето дење или ноќе, станува многу подостапна. Со овие светла следи и автоматско префрлување од долго на соборено светло. Кога T-Roc е опремен со овие светла, тоа се препознава и по осветлената лента по целата должина на маската.

Заедничка промена во задните светла е тоа што се затемнети. Матричните диодни светла се „вмешуваат“ и тука, па соодветно следат и задни светла со сменета графика и со динамична работа. Опција позната од Audi е автоматското вклучување на стоп-светлата, кога возило назад ќе се приближи премногу.

Исто е важна новина и аскот-сивата боја, за којашто не се доплаќа, а воедно има и интересен ефект на мат-боја. Опцијата за двобојна каросерија чини 500 евра, со избор меѓу четири бои за покривот, вклучувајќи ја новата индиум сива боја. За нивоата Style и R-Line може да се избере и пакет Black Style, со којшто детали на каросеријата се нагласуват во црна боја, заедно со црни тркала, и таа стилска посебност чини 698 евра. Има и три нови металик бои, вклучувајќи ги двете специјални бои, кралска црвена и петролеј сина.

Целосно е сменет кокпитот, сега стандардно со дигитални инструменти во целата гама на моделот. Горната површина на арматурната табла по фејслифтот е обложена меко и со тоа се надминува забелешката за претходниот модел. На таа промена укажува и стилизираниот штеп по целата табла. Вратите исто така се меко обложени, а во повисоките нивоа и потпирачот за лакт во вратите е обложен со вештачка кожа. За седиштата во Style може да се доплати за делумно да бидат обложени со велур, во R-Line има опција и за напа-кожа.

Најочигледната промена во внатрешноста секако дека се новите волани, стандардно мултифунциски. Во воланот во R-Line има сензорски полиња, место класични копчиња. Основниот модел Life доаѓа со дигитални инструменти од 8 инчи, заедно со инфо-забавен систем со средишен дисплеј од 6,5 инчи, во комбинација со физички копчиња. Нивоата Style и R-Line на македонскиот пазар доаѓаат со дигитални инструменти од 10,25 инчи и средишен дисплеј од 8 инчи, со тоа што топ-моделот дополнително располага и со навигација. Сите овие опции се нудат и за основниот модел Life.

Суштинска новина кај инфо-забавните системи е тоа што потекнуваат од новата генерација MIB3. Главно станува збор за значително унапредена функционалност при користење онлајн-услуги. За унапредениот систем на гласовна контрола се доплаќа 225 евра во сите нивоа.

Сите моделски изведби на T-Roc за македонскиот пазар стандардно доаѓаат со двозонска автомоатска клима Air Care Climatronic, со активен филтер за јаглен. Класичните прекинувачи за ракување со климата се сведени на најмала мера. Место тоа, со температурата и со брзината на вентилаторот се ракува преку сензорско поле, со лизгање со прст.

Новина во дополнителната опрема е електричното отворање на задниот поклопец, вклучувајќи и можност за самостојно отворање на багажникот (355 евра), при замавнување со нога под браникот.

Во системите за асистенција, коишто масивно напредуваат, новина е IQ.Drive, во основата полу-автопилот, познат од ID.3 & Co. Дури и оваа опција, Volkswagen ја нуди на избор и во основниот модел Life, по цена од 900 евра.

Порше Македонија нуди седум моделски изведби на Volkswagen T-Roc. Гамата почнува со T-Roc Life со 1,5-литарски TSI со 150 КС и цена од 29.804 евра. Комбинацијата со 7-степен DSG чини 31.537 евра. Овој мотор може да се добие и со нивото Style, стандардно со DSG, со цена од 34.915 евра. Дизел-понудата стартува со T-Roc 2.0 TDI Life со 116 КС и цена од 30.967 евра. За верзија со 150 КС и DSG, цената е 34.735 евра.

За погон на сите тркала може да се избира меѓу две варијанти: T-Roc 2.0 TDI 4Motion Style со 150 КС (40.519 евра) и T-Roc 2.0 TSI 4Motion R-Line со 190 КС (5.446 евра), двете стандардно со 7-степен менувач DSG.

Тест: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

По дизел со преку 250 КС се оди во Mazda

Електричен Opel e-Vivaro се нуди и како камионет