за

Opel на Китка ја претстави гамата возила за работа и за веселби

Убав настан од домашната автомобилска сцена, којшто во овие вонредни времиња нé поучува дека човек што работи зло не мисли. Увозникот Еуроимпекс, заедно со дилерите ги претстави моделите од доставната програма на Opel, предводени од новиот Movano.

Зборот веселба добива сменет призвук во чудниве времиња, но некогаш навистина прилега нештата да се прослават. Во Куќата за венчавки на патот за Китка, Еуроимпекс како регионален увозник за Opel, за пазар што покрива 18 милиони жители, одржа пригоден настан за моделите од товарната понуда на германската марка. Настанот се одржа во присуство на компании што ги користат овие возила во своето работно секојдневие.

Широк простор пополнет со точно дузина изложени возила, убаво време, пригодна музика, весела атмосфера и вредни луѓе. Така сме научени да ја гледаме автомобилската сцена и така треба да биде. Претставувањето на целосната понуда од товарни модели на Opel, од страна на увозникот Еуроимпекс и дилерите Аутомакедонија од Скопје и Ауто ЦЕМ од Тетово, се случува во време кога вирусите повеќе не се главни на дневниот ред. Станува збор за настан, со обем и од значење, какви што долго време се немаат случено на македонската сцена, не само поради ковид. Тоа што дополнително му даде значење на настанот беше присуството на претставници од бизнисот, коишто во својот возен парк користат лесни товарни возила. Тоа му дава вистински кредибилитет на овој сосем свечен настан, во смисла на мудроста, дека кој работи зло не мисли.

Кога возилата служат за создавање дополнителна вредност, секако дека тие треба соодветно да се поздрават. Еуроимпекс, во својство на увозник за Opel за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, што создаваат пазар со 18 милиони жители, заедно со дилерите Аутомакедонија од Скопје и Ауто ЦЕМ од Тетово, секако дека достојно ги претстави моделите од товарната програма.

New item by Automedia MK / Google Photos

Откако менаџерката за медиуми и односи со јавност Ана Јовановска го означи почетокот на настанот со иницијален позитивен бран до гостите, следеше поздрав од извршниот директор на Еуроимпекс, Зоран Серафимовски, кој товарните возила ги претстави како „иднината на секој бизнис“, а возилата на Opel го опиша како „сигурен партнер на патот кон иднината“.

Главниот носител на настанот е новиот Opel Movano, најголемиот модел во понудата од товарни возила на германската мартка

На настанот беа претставени трите моделски семејства од понудата од лесни товарни возила, Opel Combo во фургон и комби изведба, Vivaro и Movano, заедно со товарна изведба на Corsa. Покрај доставните возила, беа изложени и патничките модели Corsa, Grandland, Mokka и Insignia.

New item by Automedia MK / Google Photos

Драган Јовев, продукт менаџер за Opel во Еуроимпекс, го претстави главниот носител на настанот: „Новото Мовано е совршена германска алатка за секоја работа! Овој модел е моќен, безбеден и со незаменлива удобност за возачот. Тој е достапен во повеќе верзии на каросерија: фургон, комерцијално возило со два реда седишта, шасија со единечна или двојна кабина како и сандучар, кипер и конверзии на каросеријата . Товарниот простор е меѓу најдобрите во класата, со капацитет до 17m2 и во него може да се превезе максимум 4 еуропалети. Носивоста е до 2,1t. А, внесувањето на товар во новиот Оpel Мовано оди со леснотија, благодарејќи на широкиот отвор на вратите и нискиот праг за товарање. Погонуван од 2,2 турбо-дизел мотори со силина од 120 до 165 коњски сили, бележи одличен низок резултат кога станува збор за потрошувачката на гориво и емисија на CO2 во сегментот. Целосната електрификација на опеловата товарна гама на возила ја комплетира електрифицираната верзија на Opel Movano погонувано од 37kWh или 70kWh батерија, со корисна носивост до 1,3t, досег до 224km по WLTP и секако 0 емисија на CO2“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Opel нуди бројни решенија за мобилност. За секој тип на бизнис или големина на флота. Нашата гама на возила вклучува сè, од комерцијални и патнички возила, со мотор на внатрешно согорување, plug-in хибридни или целосно електрични верзии… Па се до наменски возила, модифицирани/трансформирани за потребите на бизнисите. Возила со ладилник, возила за лица со попреченост, амбулантни возила, против-пожарни возила и други возила“, изјави извршниот директор Зоран Серафимовски, и дополни: „Во рамките на нашата дилерска мрежа имаме високо-професионални продажно-сервисни центри кои во врска со возилата, даваат услуга што е потребна на компаниите за непречено и ефикасно водење на бизнисот. Во истите, работи професионален кадар со богато искуство кој е специјалнизирано обучен, секој во своето поле. На кратко кажано, со германска прецизност, нудиме идеален автомобилски партнер за Вашиот бизнис.“

Менаџерите на Еуроимпекс веќе го најавуваат и следниот голем настан, а тоа ќе биде претставување на моделите со хибриден и електричен погон.

Повеќе информации за возилата може да се погледнат на македонскиот вебсајт на марката Opel

https://www.opel.mk/

и на дилерите

https://opel.automakedonija.com.mk/

https://opel.autocem.com.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Норвешка постави полнач што батеријата ја полни за 15 минути

Водороден погон на Toyota ќе работи во автобуси Mercedes-Benz