за

По Stellantis, сега и Volvo заминува од здружението на производители

Во концернот Stellantis се незадоволни со ставовите на здружението на автопроизводители во поглед на забраната за обични мотори. Сега и Volvo се откажува од ACEA.

Фабриките на Volvo во Кина се враќаат во погон

Европската Унија им постави јасна одредница на производителите на автомобили, со донесувањето на забраната за регистрирање нови возила со обичен мотор по 2035 година. Во концернот на Peugeot, Fiat и Jeep не се задоволни од начинот на којшто здружението ACEA ги застапува и брани интересите на производители на автомобили, и се откажаа од истото. Следен е Volvo, но причините за нивното откажување се наполно спротивни.

Шведскиот производител на автомобили Volvo најави дека ќе го напушти европското здружение на производители на автомобили кон крајот на годината. Причина е тоа што ставовите во ACEA се разликуваат од амбициозните планови на Volvo за постигнување целосна одржливост во работата на компанијата и забавувањето на климатските примени. ACEA силно се залагаше за забрана за регистрирање нови автомобили со обичен мотор во земјите во Унијата по 2035 година. Но, тие планови се недоволни за Швеѓаните, затоа што тие планираат уште во 2030 година да преминат на производство исклучиво на електрични автомобили. Менаџментот во Volvo бара Здружението да настапува уште построго во поглед на ставањето крај на продажбата на автомобили со обични мотори.

Во минатата недела, концернот Stellantis (Peugeot, Citroen, Opel, Fiat, Alfa Romeo, Jeep и други) први најавија дека до крајот на 2022 година ќе го напуштат Здружението на европски производители на автомобили ACEA. Од канцеларијата за односи со јавност на гигантскиот концерн, во меѓувреме излегоа со соопштение дека најавеното повлекување не е поврзано со изгласувањето на забраната за регистрирање нови автомобили со обичен мотор во ЕУ по 2035 година.

Познавачите тогаш коментираа дека шефот на Stellantis, Карлос Таварес, постојано го искажува својот став дека се противи за браншата да се ориентира строго и исклучиво на чисто електрични автомобили. Место тоа, првиот човек на концернот цени дека на купувачите треба да им се понудат повеќе можности за избор, и тие сами да одлучуваат околу изборот на погонот во својот нов автомобил.

Противењето на Таварес сепак не значи дека неговиот концерн не дава важност на електрификацијата. Напротив, Stellantis со своите 14 марки е меѓу највлијателните и најагилни производители на електрични автомобили.

Во замена за членството во ACEA, концернот Stellantis во иднина ќе се потпира на отворени форуми за дискусии, со експерти од најразлични подрачја, коишто ќе се водат како „Freedom of Mobility Forum“. На тие форуми, почнувајќи од 2023, секоја година ќе се дискутира околу мобилноста во Европа.

Лоби-групата ACEA останува без Stellantis

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричен Opel e-Vivaro се нуди и како камионет

Kia на салон Ауто Кина Пекинг

Во Кина годинава ќе се продадат 27 милиони автомобили