Риселсхајм во 11 генерации досега произведува комби-модел во компакт класата. Оваа долга традиција и специјалност на Opel, почна уште со првата генерација на Kadett во 1963 година, која што доби практична каросериска изведба наречена Caravan. Opel првпат го користеше ова име за комби-изведбата на славната Olympia Rekord во 1950-те години.
Caravan или Car a Van, автомобил што е како комби. Тоа е пораката што менаџерите на Opel сакаа да им ја пренесат на купувачите, преку името на посебната каросериска изведба во гамата на Kadett A, во 1960-те години. Сцената веќе одамна знаеше за Caravan, затоа што Opel го користеше ова име за сите свои комби-модели, почнувајќи од Olympia Rekord Caravan од 1954 година. Караван денес е синоним за сите комби-модели, во сите класи, исто како што џип е синоним за теренец.
Opel досега има продадено 25 милиони примероци од Opel Kadett и Opel Astra. Од оваа маса возила, 5,8 милони возила се во комби-изведбата. Доколку сите досега произведени возила на Opel од компакт класата, се наредат во колона, таа би надминала должина од 100.000 километри. Тоа е растојание што е исто како Земјата два и пол пати да се обиколи околу Екваторот.
Според производителот, компакт-моделите на Opel одиграа важна улога токму во економски најтешките времиња и на многумина им овозможија лична мобилност. Покрај тоа, Opel во секоја нова генерација на Kadett и Astra воведуваше технологии од повисоките класи на возила. На тој начин, Риселсхајм направи напредните технологии и решенија да станат достапни за широк круг купувачи.
Денес честопати се спомнува поимот на демократизација на технологијата, а тоа главно се однесува на стратегијата што Opel ја имаше и ја има со своите Kadett и Astra
Во Opel моментно е најактуелна новата генерација на Astra Sports Tourer, којашто е важна и поради тоа што доаѓа во време во коешто единствената германска марка во Stellantis прославува 160 години. Astra ST е прво комби на Opel што го прикажува препознатливиот дизајн на Opel Vizor во предниот дел од возилото. Исто така има премиера и целосно дигиталниот кокпит Pure Panel. Првпат комбито на Opel ќе може да се нарача и со двобојна каросерија.
Фактичкиот врв во гамата на Astra Sports Tourer ќе се случи в година, кога Opel ќе понуди чисто електрична изведба на комбито. Електрификацијата го зафаќа моделот уште во старт, со двете изведби со приклучен хибриден погон.
Opel Kadett A Caravan
Почетокот на славната серија каравани на Opel го означи Kadett A Caravan во 1963 година. Тоа беше првото комби на Opel во компакт класата, што воедно имаше и главна заслуга за марката да преземе лидерство во сегментот на возила со оваа практична каросериска форма.
Оттогаш, Opel во континуитет нуди „Car a Van“ во секоја нова генерација на Kadett и Astra. Последната генерација што ја носеше ознаката Carаvan беше Astra H (2004-2010). Наследникот стана Sports Tourer и сите следни генерации го носат тоа име.