за

Opel 5/12 HP пред 110 години беше автомобил наменет за сите

Тоа е еден од првите модели на пазарот што беше достапен за најширок круг купувачи. Пред возење, дрвените тркала на Opel 5/12 HP мораше да се натопат.

Еден од најраните автомобилски модели што беа достапни за сите одбележува 110 годишнина. Германскиот производител посебно ја нагласуваше достапноста, во рекламите за Opel 5/12 HP.

Долг одвај три и пол метри, Opel 5/12 HP располагаше со 4-цилиндарски мотор (пречник х òд 65х95 mm), со моќност од 12 КС при 1,800 вртежи. Оваа моќност беше сосем доволна за автомобилот да постигне највисока брзина од 50 km/h.

Во брошурата што Opel ја печатеше во времето на 5/12 HP, беше наведено дека најмалиот модел во понудата на марката е „народен автомобил што пристојно извршува сé што ќе се побара: мошне е брз, безбеден за возење, посебно комфорен; тој има разумни цени на купување и одржување, ниска потрошувачка на гориво, мошне слабо абење на гумите, евтини поправки и оперативни трошоци.“

Тоа се впрочем истите барања што и денес се поставуваат пред автомобил од којшто се очекува да биде достапен, но и евтин за одржување и поправки. Opel 5/12 HP имаше уште една посебност и секако дека таа беше наведена во продажната брошура: „Автомобилот може секој да го вози и нема потреба за тоа да се ангажира возач“.

Цената придонесуваше најмногу за продажниот успех на малечкиот Opel. Германската марка го продаваше својот модел по цена меѓу 4.000 и 5.200 марки. За споредба, со парите за големиот Opel 28/70 HP, којшто се ценеше меѓу 15 и 17 илјади марки, можеа да се купат четири Opel 5/12 HP.

https://photos.app.goo.gl/6pvaaaaegjJZjbndA

Историјата на „160-годишната марка“ ни открива уште еден интересен детал. Во летно време, пред да се вози Opel 5/12 HP, дури и кусо, мораше прво да се намократ дрвените тркала. Во спротивно, тие ќе испуштаа непријатни звуци при возењето, за на крајот да се скршат, поради сувото дрво. Природата на дрвото е таква што се собира при суво време и потребно е да се намокри за да се врати на нормалните димензии што ги проектирале конструкторите.

Различни каросериски изведби на Opel 5/12 HP

https://photos.app.goo.gl/uQD8AKSKRTPfcswLA

https://photos.app.goo.gl/jR26s7gf1dMjxa7PA

https://photos.app.goo.gl/W7zsdAmDBF4auG3J8

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi е спонзор на новогодишната турнеја на 4-те скокалници

Електричниот Fiat 500 поставува продажни рекорди во Германија