за

Канцеларот Шолц гостин на одбележувањето на 125-годишнината на Опел

Германија го испочитува Опел како марка што испишала важни историски поглавја во автомобилизмот. Канцелар, министри, извршни директори, за големиот настан во Риселсхајм.

Сојузниот канцелар Олаф Шолц, премиерот на покраината Хесен, Борис Рајн, претседателот на Стелантис, Џон Елкан и извршниот директор Карлос Тавареш, во посета на Опел.

Под мотото „Секогаш напред од 1899 година“ Опел во своето седиште во Риселсхајм прославуваше 125 години како производител на автомобили. Како почесни гости на прославата во Адам Опел Хаус присуствуваа канцеларот Олаф Шолц, премиерот на сојузната покраина Хесен, Борис Рајн, како и претседателот на концернот Стелантис, Џон Елкан и извршиот директор на концернот, Карлос Тавареш.

Извршниот директор на Опел, Флориан Хуетл, ги прошета своите гости меѓу другото и во производствените погони во фабриката, од коишто излегува бестселерот Опел Астра, во сите свои погонски изведби, како и ДС4, модел на француската премиум марка, што исто така е дел од концернот Стелантис.

„Ние уште во текот на годинава ќе станеме првата германска марка што нуди батериска електрична изведба од секој модел во нашата понуда“, најави Хуетл. „Со новиот климатски неутрален Грин-кампус, што ќе се гради тука во Риселсхајм, продолжуваме да вложуваме во пријатното чувиство на нашите вработени,“ додаде директорот.

Важна порака испрати и германскиот канцелар Олаф Шолц, присетувајќи се дека „откако автомобилите имаат улога во нашето општвество, тука секој ден се работи тие да станат уште подобри“. Тој го подржува и патот што Опел го избра за иднината: „Генерации работнички и работници направија Опел да се развие во голема марка, каква што е денес: Автомобилска компанија на пат кон електромобилноста.. тоа е за пример.“

Опел во оваа пригода ја најави и изградбата на Грин-кампус, идната централа на Стелантис во Германија и глобално седиште на Опел, на улица Мајнцер во Риселсхајм. Центарот е осмислен со цел емисијата на ЦО2 да се сведе на најмала можна мера. Целата потреба од струја ќе се покрива со 7.000 соларни панели на покривите. Дури и дождовната вода ќе се собира со цел да се смали потрошувачката на вода. За климатизацијата ќе се користат напредни топлински пумпи. Тоа ќе биде заокружено со многу зеленило и со софтвер што ќе раководи со користењето на енергијата. Полначи за електричните автомобили на вработените секако не смее да недостигаат.

Прво појавување на новите Грандланд и Фронтера во јавност

Присутните на настанот можеа првпат во живо да ги погледнат новите генерации на Опел Фронтера, наследничка на Кросленд, и на Грандленд, засега знаменосец во понудата на марката. Двата модели уште во текот годинава ќе бидат понудени и во целосно електрична изведба.

Светска премиера во Истанбул: Шефот Флориан Хуетл (средина), директор за производи и цени Тобиас А. Губиц (лево) и заменик шеф за дизајн Марк Адамс, покрај Опел Фронтера

Од следната година, секој целосно нов модел на Опел ќе се нуди единствено во батериска електрична изведба. Хибридната изведба на Фронтера во Германија почнува од 24.000 евра, додека за е-моделот се потребни 29.000 евра.

Ден на отворени врати во Риселсхајм

Адам Опел Хаус беше центарот околу којшто се собра повеќеилјадна публика во чест на големиот настан. Секако дека германската марка изложи модели од својата историја, а воедно прикажа и дизајнерски концепти, во чест на 60-те години на Опел Дизајн Центарот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Царините за кинеските ЕВ не се исти за сите, најголеми за МГ, помали за Џили

Сите поединости за Киа ЕВ-Три: Досег 600 километри, половина час полнење