Сите поединости за Киа ЕВ-Три: Досег 600 километри, половина час полнење

Во Киа во моментов целото внимание е насочено кон бестселерот Спортаж и кон електричниот знаменосец ЕВ9. Уште во текот на годинава, ново поглавје ќе отвори ЕВ-Три, смалена изведба на ЕВ9, на местото што некогаш му припаѓаше на кросоверот Соул.

Дизајн што двои од шемата, напреден електричен погон и практично осмислена кабина се главните обележја на Киа ЕВ-Три. Развиен врз истата платформа како седумседот ЕВ9 и спортскиот кросовер од средна класа ЕВ6, новиот компактен СУВ ќе понуди досег до 600 километри и технологија што овозможува батеријата на брз полнач да се наполни за половина час.

ЕВ-Три (ЕВ3) воедно спаѓа во најпродаваниот сегмент во Европа, на Б-СУВ модели, каде што и бројот на модели со целосно електричен погон расте прогресивно.

Изгледот влече паралели кон престижниот ЕВ9 и се раководи според начелото на Киа за „обединети спротивности“. Идејата е со изгледот да се постигне рамнотежа меѓу формите и боите што се препознатливи од природата, со формите што ги донесува новата технологија.

Вообичаено за моделите што се развиени единствено за елеткричен погон, Киа ЕВ-Три се одликува со кабина што е попросторна во споредба со модел со иста должина, но со обичен погон. Багажникот располага со зафатнина од 460 литри, дополнително постои преграда под предната хауба, со зафатнина од 25 литри.

Стилот во кокпитот го одредуваат трите дисплеи: Дигитални инструменти од 12,3 инчи, дисплеј од 5 инчи за ракување со климата, и средишен дисплеј, исто така од 12,3 инчи. Последниов дисплеј зафаќа и во просторот пред совозачот, за и оттаму да може да се ракува со одредени функции.

ЕВ-Три е долга 4.300 милиметри, широка 1.850 милиметри и висока 1.560 милиметри, при меѓуоскино растојание од 2.680 милиметри. Погонската технологија влече корени од ЕВ9 и ЕВ6, со батерија од 4-та генерација на Киа. Стандардниот модел доаѓа со батерија од 58,3 кВч, во изведбата со продолжен досег се вградува батерија од 81,4 кВч.

Електромоторот располага со 150 кВ (204 КС) и вртежен момент од 283 њунтметри. Забрзувањето до сто трае 7,5 секунди, брзината е ограничена на 170 км/ч.

Аеродинамичноста е врвна, со коефициент на отпор 0,263 Цд, што секако дека е важно за досегот на изведбата со поголема батерија да се движи до 600 километри. При користење брз почнач, батеријата постигнува наполнетост од 80% по приближно 30 минути.

Арсеналот од системи за асистенција меѓу другото вклучува и еДТВЦ систем што ја менува распределбата на вртежниот момент меѓу предните тркала во свијоци, за да се постигне повисока динамика и соодветно поголемо возачко уживање. Далечинското управување со возилото е уште една ставка за импресионирање, што сепак не е само за шоу, туку е корисна кога друго возило е паркирано премногу блиску.

ЕВ-Три е прв модел на Киа што доаѓа со нова генерација на и-Педал 3.0, за регенеративно сопирање. Тоа е мошне корисна функција, како за полнењето на батеријата, така и за возачкото искуство, затоа што во најголемиот дел од возењето нема да се јави потреба да се притиска врз сопирачката – електромоторот „сопира“ кога ќе се отпушти педалата за возење и притоа произведува енергија.

Уште една корисна ставка е В2Л, односно можност да се приклучи лаптоп, преносен ладилник, кафе-апарат, фен. Со дигитален клуч, нема потреба со себе да се носи клуч, затоа што сé е достапно преку телефон или паметен часовник.

Вештачка интелигенција за ракување со возилото, изобилство од можности за користење онлајн-услуги, игри, филмови, апликации, сето тоа е „стандардна“ опрема на Киа ЕВ-три.

Продажбата почнува прво во Кореја, во јули, европската премиера треба да се случи во втората половина од годината.

Основната изведба во Кореја чини 42.080.000 вони, што одговара на околу 28.900 евра. Со поголемата батерија, цената е околу 34.000 евра, додека спортската изведба ГТ-лине чини околу 37.600 евра – сите цени претворени од вони, од корејскиот ценовник.

Моделот посебно ќе се произведува за Европа во фабриката во словачка Жилина, од каде што доаѓаат и Сид и Спортаж. Европските цени уште не се објавени.

Електрични автомобили во македонските салони

Претходна објаваКанцеларот Шолц гостин на одбележувањето на 125-годишнината на Опел
Следна објаваПрво беше комбито од 123-ка: Десет милиони Мерцедеси од фабриката во Бремен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here