Не успеа предлогот на партијата на Зелените за ограничување на брзината по германските автопатишта на 130 километри на час. Социјалдемократите ја подржаа идејата, но коалациските партнери гласаа различно.
На германските автопатишта засега не се воведува ограничување на брзината на 130 километри на час. На гласањето во Бундестагот не мина предлогот на Зелените. Противниците на предлогот излегоа со аргументи дека германските „аутобани“ се најбезбедните патишта во земјата и ефектот од ограничувањето на брзината би бил незначителен за климата, преку намалувањето на емисијата на СО2.
Зелените бараа германската влада да воведе општо ограничување на брзината на 130 километри на час уште од 1-ви јануари 2020 година. Против предлогот гласаше мнозинство од 498 пратеници. За ограничувањето на брзината гласаа 126 пратеници, а седум беа воздржани.
Фракцијата на социјалдемократите се согласи со предлогот на Зелените, но не успеа убедувањето на коалициските партнери. Поради тоа, подршка дојде само од левицата.
Претседателот на комисијата за сообраќај, Чем Оздемир, од партијата на Зелените, пред гласањето одржа говор во знак на поддршка на ограничувањето на брзина. Тој посочи дека главнината од населението, како и црквата и полицијата исто така го подржуваат воведувањето брзинско ограничување на аутобанот.
Германија е единствена држава во ЕУ без ограничување на брзината на автопатиштата
Членот на Слободната демократска партија, Оливер Лукшиќ, аргументира дека „проблемот е во споредните патишта, не во автопатиштата.“ Социјалдемократите не се откажуваат и најавуваат формирање поголема коалиција, којашто ќе се бори за брзината да се ограничи на 130 km/h. Оттаму порачуваат „ако не успееме во тоа, како понатаму ќе се бориме за далеку пообемни мерки, како што е заштитата на климата?“
Според последните истражувања, повеќе од половината од германското население се сложува со ограничувањето на брзината по аутобанот. За лимитот се изјасниле 56,5 проценти од испитаниците, против биле 16,8 проценти.
https://youtu.be/R4BLu3QHCFg
















