за

Денес е дел од Audi: Марката NSU слави 150 години (Втор дел)

Со марката NSU се поврзуваат важни поглавја од германската и светската автомобилска историја. Во продолжението е главен еден модел што остави силен печат и на македонската автомобилска сцена, NSU Prinz.

Производството на автомобили во NSU се врати со малечкиот Prinz во 1958 година. Продолжија и техничките иновации, по коишто посебно беше ценета марката од Некарзулм. Уште во почетокот на 1950-те години, NSU соработуваше со Феликс Ванкел на целосно нов концепт на мотор. Во развојната лабораторија на NSU, во 1957 година првпат стартуваше мотор со вртливи клипови, односно ванкел-мотор.

Салонот ИАА во Франкфурт во 1963 година пречекуваше со голема премиера од
NSU. Со моделот NSU Wankel Spider, марката испиша уште едно важно историско поглавје. Тоа е првиот автомобил од сериско производство, што е задвижуван од ванкел-мотор со еден клип. Работната зафатнина од 497 сантиметри кубни кај ванкел одговара на нормален ото-мотор со двојно поголема зафатнина од тоа, односно еден литар. Моќноста изнесуваше 50 КС.

По четири години, светот повторно се одушевуваше на новината од NSU. На салонот во Франкфурт, ИАА, во 1967 година беше претставен NSU Ro 80. Лимузината од средна класа располагаше со двоцилиндарски ванкел мотор со 115 КС. Внимание привлекуваше и каросеријата, со аеродинамична форма. Експертите не можеа да реагираат поинаку и Ro 80 го изгласаа за автомобил на годината во Европа. Тоа е прв германски автомобил со оваа титула.

На 10-ти март 1969 година, NSU Motorenwerke AG стана дел од Auto Union GmbH од Инголштат, а со тоа и дел од концернот Volkswagen. Од 1-ви јануари 1969 година, компанијата продолжи да се води како AUDI NSU AUTO UNION AG со седиште во Некарзулм. Мнозинскиот удел од акциите ѝ припадна на Volkswagenwerk AG.

Покрај NSU Prinz и NSU Ro 80 во фабриката почна да се произведува и Audi 100. Двата модели на NSU си заминаа од производствените ленти во 1970-те години. Prinz се произведуваше 15 години (до 1973), Ro 80 десет години (до ’77).

На 1-ви јануари 1985 година, AUDI NSU AUTO UNION AG е преименуван во AUDI AG и седиштето е преселено во Инголштат.

Некарзулм денес се вбројува меѓу најкомплексните фабрики во браншата, со најголема разновидност во портфолиото во рамките на концернот VW. Од смарт-фабрика, овој капацитет продолжува да се развива во центар за производство на електрични автомобили и делови за нив. Некарзулм има надлежност за високонапонските батерии за целиот концерн.

Во Некарзулм денес се произведува знаменосецот Audi A8, суперспортскиот R8, модели од компакт, средната и вишата класа, исто како и RS-модели.

Локацијата е посебно важна и по тоа што тука се наоѓа седиштето на Audi Sport GmbH, којашто е наследничка на quattro GmbH, прочуениот огранок основан во 1983 година. Годинава претстои голем јубилеј, 40 години на ова легендарно име од релито.

Од крајот на 2020 година, тука се произведува и првиот целосно електричен модел на Audi од германска продукција, e-tron GT quattro. Со 15.500 вработени, фабриката во Некарзулм се вбројува меѓу најголемите компании во регионот на Хајлброн-Франкија. Пред 150 години, фирмата вработуваше 10 лица.

Со марката од Некарзулм се поврзуваат и големи успеси во мотоспортот

NSU стана голема марка и преку мотоспортот. Англискиот тркач Том Балус во 1930 година победи на трката за големата награда на Германија со мотоцикл NSU 500 SSR. Овој мотоцикл ќе постигне уште бројни триумфи, за да стане една од најуспешните германски тркачки машини. Послаба верзија на мотоциклот се нудеше и за цивилна намена, на сцената позната како „Bullus“.

Автомобилите исто така ѝ носеа победи на марката. Неколку извадоци од богатата историја: Во 1926 година, четири тркачки модели 6/60 PS со мотор со компресорско натполнење ги освојуваат првите четири места на берлинската патека Авус, во трката за големата награда на Германија. Во 1960-те и 1970-те години, NSU Prinz, NSU Wankel Spider и NSU TT се докажуваат како вредни тркачки машини. Посебно поглавје му припаѓа на NSU Prinz TT, освојувач на 29 национални првенства во Европа и Северна Америка.

Денес е дел од Audi: Марката NSU слави 150 години

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Aygo X ја бидува и за мода

Alfa Romeo одбележува јубилеј на Autodelta на првата трка во новата сезона во Ф1