за

Денес е дел од Audi: Марката NSU слави 150 години

Голем јубилеј на марката NSU, чијшто почетоци датираат во 1873 година и продолжуваат со денешната фабрика на Audi во Некарзулм.

Голем јубилеј на историската марка NSU. Кристијан Шмит и Хајрих Штол пред 150 години, во Ридлинген ја основаат „Механичка работилница Шмит и Штол“, за изработка на разбои. Компанијата подоцна се развива во Фабрика за мотори NSU, а денес таму се наоѓа фабриката на Audi.

Градот Некарзулм е важна алка во производствениот синџир на Audi и важна алка во историјата на премиум марката. Некарсулм е составен дел и од името на марката NSU, што прославува 150 години од основањето. NSU произлегува од името на градот што се наоѓа на реките Некар и Зулм. Во почетокот, компанијата изработува велосипеди, потоа преоѓа на мотоцикли, за да го круниса своето делување со автомобили.

Во историскиот центар на марката Audi во Некарзулм се поставени бројни возила и предмети по повод 150-те години од основањето на NSU. Паралелно се одржува изложба и во Германскиот музеј на возила со две тркала и на NSU во Некарзулм. Одбележувањето на ова поглавје на Audi и NSU ќе трае до 14-ти јуни.

Марката NSU своевремено беше присутна и во нашиот поширок регион, главно со моделот Prinz. Познавачите и љубителите на марката ќе можат на каналот на Audi Tradition на инстаграм да ја следат серијата во десет продолженија. Од март до декември, таму секој месец ќе биде претставен по еден модел на NSU.

Историјата на компанијата почнува во 1873 година, со отворањето на работилницата за разбои во Ридлинген на Дунав, од Кристијан Шмит и Хајнрих Штол. По седум години следи преселба во Некарзулм, за во 1884 година таа да прерасне во акционерско друштво. Производсвото на велосипеди почнува во 1886 година, точно во времето кога овој вид на превоз станува сé попопуларен.

Мотоциклите стартуваат во 1900 година, а со нив доаѓа и марката N.S.U., којашто означува „aus NeckarSUlm“, односно од Некар Зулм

Првиот автомобил на марката е претставен во 1906 година, именуван „Original Neckarsulmer Motorwagen“ (оригинално моторно возило од Некарзулм). Тоа е мал автомобил од средната класа, со водено ладен четирицилиндарец. Во 1909 година, фабриката вработува 1.000 лица, коишто произведуваат 450 возила. Марката почнува со светски успеси: Во 1914 година е произведен автомобил со лесна конструкција – Typ 8/24 PS со каросерија од алуминиум.

NSU Ro 80 е револуционерен концепт на автомобил кон крајот на 1960-те години, со ванкел мотор и аеродинамична каросерија; Станува и автомобил на годината

Во тешките економски услови, компанијата сепак напредува. Во средината на 1920-те години, околу четири илјади вработени изработуваат по еден автомобил на секои два часа, мотоцикл на секои 20 минути и по еден велосипед на пет минути.

Поради недостиг од простор, во 1924 година следи преселба во нова фабрика во Хајброн. Тогаш почнуваат и финансиските проблеми. Во 1929 година, фабриката ја купува Fiat, каде што до 1966 година се произведуваат автомобили под марката NSU-Fiat.

Сопственото производство продолжува со мотоцикли и велосипеди. Во 1929 година е преземен дел од марката мотоцикли Wanderer и три години подоцна, заедно со марката D-Motor е основана Deutschen Werke (Дојчен Верке) во Берлин. Покрај BMW и DKW, марката NSU во 1930-те е меѓу најважните германски марки мотоцикли. Велосипедскиот огранок на Opel е преземен во 1936 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Audi Tradition (@auditradition)

Важна автомобилска премиера следи во 1933/34 со прототипот на возило конструирано од Фердинанд Порше, со 1,5-литарски боксер мотор назад. Во основа, тоа е многу слично возило со „бубата“ на VW што ќе се појави подоцна. NSU не располагаше со пари да го започне производството. До мај 1945 година, од фабриката остануваат главно урнатини.

По војната почнува производство на прочуените велосипеди и на мопедот NSU Quick со мотор од 98 ccm. Потоа следат модели со 125 и 250 ccm, па NSU Fox, Lux, Max и Konsul со зафатнина од 500 сантиметри кубни. Годишната продукција на двотркалци достигнува 300.000 возила во 1955 година. Доволно за прво место во светот.

По пет светски титули во мотоциклизам, марката во средината на 1950-те години мора да ги остави мотоциклите, затоа што светот се префрлува масовно на автомобили. Така почнува поглавјето на малечкиот Prinz, во 1958 година.

Следи продоложение.

Линк за преземање на апликацијата Audi Tradition

https://wonderl.ink/@auditradition

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Swace со зајакнат хибрид и освежен изглед во 2023

На електричната лимузина на Lotus ѝ остана уште зимското тестирање