за

На електричната лимузина на Lotus ѝ остана уште зимското тестирање

Новиот модел на Lotus е целосно електричен, со лимузинска форма и соперник им е на Porsche Taycan и BMW i7. Тоа е веќе втор модел надвор од понудата на спортски модели на марката, по кросоверот Electre.

Електричната лимузина на Lotus, што се развива под ознаката Type 133, директен соперник е на Porsche Taycan, и во моментов е на зимско тестирање во Поларниот Круг. Почетокот на продажбата е планиран за годинава.

Лимузината е втор модел што е надвор од матичната понуда на спортски автомобили на Lotus, по кросоверот Eletre. Каросеријата е маскирана, но силуетата оддава аеродинамична форма, со елементи преземени од Eletre, што секако дека се однесува главно на тенките светла.

Со овој модел, Lotus влегува во Е-сегментот, што значи дека ќе им конкурира на Taycan, исто како и на Tesla Model S, BMW i7 и на Mercedes-Benz EQS. Електричната спортска лимузина ќе се продава глобално.

Производството ќе се одвива во новата фабрика на Lotus во Вухан, Кина. Таму ќе се произведуваат сите модели од понудата на „Lotus Tech lifestyle division“.

Lotus е во сопственост на кинескиот холдинг Geely, заедно со Volvo, Smart, Lynk & Co, Zeekr, Proton и уште бројни марки. Британската марка со богата историја во мотоспортот ќе продолжува со производство во фабриката во Хетел, Англија. На дизајнот на Type 133 се работеше во центарот на марката во Ковентри.

Кросоверот Eletre веќе е достапен за нарачки во Велика Британија, со цена што се движи од 89.500 фунти до 120.000 фунти, зависно од изведбата. Моделот ја доживеа својата светска премиера лани.

Type 133 е веројатно дека ќе ја користи истата погонска техника од Eletre. Тоа значи дека лимузината ќе се нуди во изведба со два електромотори со вкупна моќност од 450 kW, односно 612 КС, и во врвната изведба со 675 kW, односно 918 КС. Батеријата од 112 киловатчасови во најдобар случај испорачува енергија за околу 600 километри.

Планот е по Type 133 да следи електричен кросовер од средната класа, односно модел што ќе биде позициониран под Eletre.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Денес е дел од Audi: Марката NSU слави 150 години

Tesla ќе гради фабрика во Мексико, водата е голем проблем