Автомобилите на струја постигнаа голем технолошки напредок, но цената и натаму е висока. Nissan и Mitsubishi сакаат да го променат тоа и најавуваат заеднички електромобил по сензационално ниска цена.
Јапонските марки Nissan и Mitsubishi планираат заеднички развој на евтин автомобил со погон на струја. Како што пишува јапонскиот „Никеи“, возилото би чинело околу 1,5 милион јени, односно околу 11.000 евра, а на пазарот би се појавило најдоцна до 2017 година. Електричните автомобили имаат незначително учество во продажбата, првенствено поради високата цена и отсуството на добра инфраструктура од полначи.
Обата концерни веќе соработуваат и во други подрачја. NissanLeaf е најпродаваниот електричен автомобил во светот. Од стартот на продажбата во 2010 година се продадоа 124.000 примероци од моделот. Mitsubishi го нуди електричниот i-MiEV една година пред Nissan и според податоците од фирмата досега се продадени 32.000 возила, не сметајќи ги техничките близнаци Peugeot iOn и Citroen C-Zero. Податоци за техниката на возилата и за начинот на којшто ќе ја постигнат сензационално ниската цена од 11.000 евра, партнерите уште не откриваат, но потврдуваат дека примарен интерес е возилото да се појави на пазарот колку е можно побрзо.
















