за

Nissan Titan XD со петлитарски дизел и преку 6 метри должина

Името Titan му е погодено на овој пикап, којшто во актуелната генерација е најголемиот модел во историјата на Nissan. Тоа се однесува на гигантните димензии на каросеријата, но и моторите не заостануваат.

Големиот пикап на Nissan веќе со години се продава на пазарот во САД, но досега не успеал да постигне позабележлива продажба. Домашните конкуренти во популарниот сегмент на пикапи се далеку со продажбата, а од „неамериканските“ марки може да ги следи единствено Toyota со својот пикап Tundra. Јапонската марка очекува дека конечно ќе го привлече интересот на купувачите со понудата на дизел мотор, како алтернатива на големите и ненаситни бензински мотори со осум цилиндри.

Гигантските пикапи со огромен дизел мотор имаат мала, но верна група обожуватели. Сега, Nissan има за нив понуда што не се одбива. На голема манифестација се поканети сите тјунери и производители на дополнителен прибор да ги проверат можностите на Titan, со цел откако продажбата ќе стартува кон крајот на годинава да се понуди комплетна палета на прибор и можности за тјунирање.

Новата генерација го заменува претходникот којшто имаше премиера на американскиот пазар пред дури десет години. Nissan Titan сега се одликува со изглед што повеќе го погодува вкусот на американските купувачи, но и техниката е соодветна на очекувањата. Причината што Titan конечно изгледа и вози како пикап од американска марка е тоа што комплетниот развој на возилото се одвиваше во САД. Производството исто така е во земјата.

Најголемата сензација кај новиот Nissan Titan сепак е дизел моторот, како опција покрај стандардниот V8 и малку поштедливиот бензинец со шест цилиндри. Петлитарскиот дизел со осум цилиндри во V потекнува од Cummins и располага со моќност од 310 КС и вртежен момент од 752 њутнметри. За разлика од старите камионски дизели на Cummins, коишто се одликуваа со неверојатна издржливост и огромна работна зафатнина по цилиндар, новиот дизел располага двостепен турбополнач, блоковите се изработени од сув лив со вермукуларен графит, што овозможува пониска тежина во споредба со класичната изведба од сив лив, главите на моторот се изработени од алуминиум, а системот за напојување со гориво потекнува од Bosch.

Со опцијата за дизел, Titan станува интересен и за европските фанови на големи пикапи

Подеднакво високи стандарди се почитуваат и во кабината на Titan. Во возилото долго 6,17 метри се нуди максимален луксуз, вклучувајќи дури и климатизација во седиштата. Импресивно звучат податоците за „камионската“ способност, со носивост од 900 килограми и тежина на приколка до 5,5 тони.

Иако пикапот е наменет исклучиво за пазарот во САД, со новата опција за осумцилиндарски дизел, Titan може да биде интересен и за европските купувачи и моделот да се најде во понудата на специјализираните дилери за американски автомобили.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Победа за Audi R8 LMS на 24-часа Нирбургринг

Toyota во САД го рекламира својот автомобил што вози на … „булшит“