за

Nissan Qashqai: Сите како него или тој како сите?

Qashqai е најважниот модел на Nissan во Европа. За конкуренцијата да не ја загрози позицијата на кросоверот, Јапонците го освежија моделот од корен. Но, моделот изгледа некако познат.

На еуфоријата што ја подигна Nissan околу појавувањето на новата генерација на кросоверот Qashqai би можеле да позавидат и италијанските ковачници на суперспортски автомобили. Маркетиншкото одделение на Јапонците добро ја заврши работата, сега е ред да се види колку биле добри инженерите и менаџерите.

Производителот ветува подобрена управливост, подинамичен изглед, поштедливи мотори и технологија што обично следува во повисоките класи на возила. Агресивноста во изгледот е новитет за моделот што во претходната генерација ги освојуваше купувачите меѓу другото и со неутралниот изглед – не уживаат сите да се издвојуваат во уличната слика или да глумат во сопствениот живот. Во дизајнот сепак се очекуваше нешто повеќе отколку комбинација на детали од Honda CR-V, Porsche Macan, Hyundai ix35 или Ford Kuga.

Qashqai е прв модел на Nissan на платформата што е заеднички развиена со Renault. Кросоверот има 49 милиметри повеќе во должина и плус од еден сантиметар во ширина, а минус еден сантиметар во висина. Кабината треба да понуди повеќе простор од претходникот во секој правец. Багажникот е поголем за 20 литри и сега собира 439 литри, а со проспособливиот под се добиваат 16 различни конфугирации за сместување на патниците и багажот.

Освен поголема просторна понуда, во внатрешноста следуваат поквалитетни материјали и побогата опрема. Меѓу другото, мутимедискиот системот Nissan Connect ќе биде дел од стандардниот пакет. Седиштата се нови и со повеќе можности за дотерување. Пакетот од безбедносни системи под име Nissan Safety Shield содржи самостојно запирање при опасност од судир, препознавање замор на возачот и читање сообраќајни знаци – со тоа Qashqai е на половина пат до возилото што управува само и ќе се појави во 2020 година.

Возачот ќе може да ужива во подобрената управливост и во сервоуправувањето со два модуса, нормален и спортски. Двоклипните амортизери ќе се погрижат за помеко примање на ударите од подлогата, а Nissan Chassis Control ќе го спречува наведнувањето на каросеријата во свијоци и дополнително содржи активно моторно сопирање и активно следење на лента, со самостојно враќање на возилото при прегазување на линијата на патот.

Од погонски единици на почетокот ќе се нудат два бензинци и два дизели, сите со турбонатполнење. Основниот бензинец потекнува од Renault и има зафатнина од 1,2 литар и 115 КС, поголемиот е 1,6-литарец со 150 КС и го заменува стариот дволитарски бензинец, а дизелите имаат зафатнина од 1,5 литар, односно 1,6 литар, соодветно со моќност од 110 и 130 КС. Поголемиот дизел ќе може да се комбинира и со погон на сите тркала, како и со новиот безстепен автоматик Xtronic.

За разлика од претходникот, овој Qashqai ќе се нуди во само една верзија со пет седишта. Кој сака повеќе простор за седење и повеќе автомобил ќе мора да се стрпи до следното лето, кога доаѓа поголемиот брат X-Trail.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

25 години на Opel Vectra: Моделот што и конкурентите го посакуваа

Mercedes S 65 AMG: Најсилната сериска лимузина на светот