за

Nissan Navara: Транспортер со комфорни манири

Светот повторно покажува растечки интерес за пикапите. Nissan очекува новата генерација на NP300 Navara да постигне голем успех на европскиот пазар, првенствено со комфорот подигнат на ниво на патнички автомобил.

Nissan ќе ја претстави четвртата генерација на пикапот Navara на претстојниот салон во Франкфурт, кој ги отвора вратите на 17-ти септември. Кон крајот на годината ќе започне и испораката на моделот за поголемите пазари во Европа, каде што Navara ќе им се спротивстави на Mitsubishi L200 и Toyota Hilux.

Најголемиот напредок во новата генерација на пикапот е постигнат во комфорот во возење. Купувачите ќе го почувствуваат тоа во верзијата со двојна кабина, којашто најчесто се користи како возило за рекреација. На местото на задната крута оска со листести пружини отсега работи оска со независно водење на тркалата. Каросерискиот дизајн е повеќе разигран во споредба со претходниот модел и се надоврзува на стилот на кросоверите на Nissan. Кабината на Navara исто така е преработена со цел да се постигне поголем комфор и амбиент како во патничките модели на марката. Покрај седишта со ергономска форма и клима уред со повеќе зони, на располагање стои и панорамски приказ за полесно маневрирање со возилото на терен и при паркирање.

Navara сега може да влече приколка до 3,5 тони

Практичните аспекти не се заменарени. Максималната тежина на приколка е зголемена на 3.500 килограми, додека корисната носивост изнесува еден тон. Во исто време е зголемена и површината на товарниот простор. Моделот со двојна кабина располага со отворен простор со должина од 1,58 метар, додека во верзијата со единечна кабина, просторот зад кабината е долг 1,79 метар.

Под хаубата на робусниот Nissan работи нов 2,3-литарски дизел со 160 КС, односно со 190 КС во изведбата со битурбо натполнење. Преносот на сила е преку мануелен менувач со шест степени, а опционално преку седумстепен автоматик. Погонот на сите тркала е стандард во сите верзии на кабини и мотор. За специјални услови на експлоатација сепак се нуди и верзија со погон само на задните тркала.

Mercedes, како нов партнер на алијансата Renault-Nissan, наскоро ќе понуди своја верзија на пикап врз основа на Navara.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ретровизорите наскоро ќе заминат во историјата?

Mercedes S-Class: Овој кабриолет потекнува од друга ѕвезда (обновено)