Автомобилите на струја можат да бидат од корист и кога се паркирани. Тоа што ќе остане непотрошено во батериите може да се искористи за напојување на канцелариите или домот со струја.
Nissan тестираше нов систем што ќе им овозможи на фирмите да ги намалат нивните сметки за струја преку користење на батериите на Nissan Leaf. Во тестирањето учествуваа вработените кои се задолжени со електричниот автомобил на компанијата и го користат секојдневно за патување до работа. Системот „кола до зграда“ овозможува шест возила Nissan Leaf да се приклучат на струјната мрежа во одреден објект. Струјата од батериите на Leaf се испорачува во објектот во работното време, односно во времето кога струјата е најскапа, што е уште една предност на концептот. Во исто време, се овозможува и полнење на батериите во периодот кога струјата е поевтина, со што се гарантира дека батериите на Leaf повторно ќе бидат полни кога сопственикот ќе треба да замине дома.
Компанијата го користи системот во центарот за развој во Ацуги Сити од јули. Вкупната заштеда во струја во текот на летните месеци изнесуваше 25,6 киловати дневно. Сметката за струја на годишно ниво со овој систем би се намалила за околу 2,5 проценти во времето на најголемото оптоварување на мрежата, односно годишно ќе се заштедат околу 500.000 јени или околу 3.600 евра.
Системот „Кола до зграда“ е дериват од полначите „Од Leaf до дома“, кој е развиен за сопствениците на електричниот автомобил на Nissan. Возилото се полни на домашната струјна мрежа во текот на ноќта, кога оптоварувањето е помало и соодветно се пониски цените на струјата, а предвидена е и можност системот да користи струја добиена од фотоелектрични колектор. Во случај на прекин во струјната мрежа, батериите на Leaf можат исто така да се користат за напојување на потрошувачите во домот.
Продажбата на Leaf достигна 87.000 примероци, со што тој е најпродаван електричен автомобил во историјата.