за

Nissan GT-R Nismo: Годзила на тркачката патека

По стандардниот GT-R, третманот за освежување ја зафати и екстремната верзија Nismo. Врвните мајстори на рачната изработка „такуми“ исто така не останаа без ангажман за суперспортскиот Nissan.

Ако за Porsche 911 Turbo во светов постои некој противник што му вози веднаш зад браникот, тоа не може да биде друг освен Nissan GT-R. И тоа трае веќе една деценија. По последното моделско освежување, на GT-R не му остана многу заедничко со првата генерација од 2007 година, освен во основните црти во дизајнот. По „стандардниот“ модел сега следи и екстремната верзија на суперспортското купе. GT-R Nismo за претстојниве години добива нова доза техника под каросеријата.

Стратезите на марката мудро го одложуваат стартот на новата генерација на GT-R за уште две години. Светот на четири тркала мора да се остави да копнее по автомобилите од овој вид, со нетрпение да исчекува што тоа инженерите на Nissan ќе извлечат ново за следната генерација. Стратешки коректно беше изведено и претставувањето на верзијата Nismo на најпредизвикувачката тркачка патека во светот, на Нирбургринг, и тоа токму во моментот кога целото внимание на публиката е свртено кон патеката длабоко во швабските шуми, во време кога се вози 24 часа Нирбургринг. Патеката позната и како „Зелениот пекол“ не е нов терен за GT-R ниту за неговата верзија Nismo. Илјадници километри има поминато оваа „годзила“ на патеката околу замокот Нирбург, во дотерување и усовршување и на последната завртка.

Nissan GT-R Nismo: Годзила на тркачката патека

Исто како стандардниот модел, GT-R Nismo е освежен во „лицето“, со нов браник и со поголема маска во форма на латиничното „V“ заради обезбедување повеќе воздух. Маската во темен хром е само еден од белезите на Nismo. Дури и хаубата е зајакната, да не се деформира при високи брзини и да не се нарушува аеродинамиката на каросеријата. Секако дека браникот кај Nismo е изработен од карбон, за разлика од стандардниот GT-R, при што легендарните мајстори „такуми“ на Nissan рачно ги имаат поставувано слоевите од карбонски влакна, заради обезбедување идеална крутост. Дотерани се и крилцата во браникот, за поголем потисок и поправилно струење на воздухот преку крилата. Не постои друг сериски модел на Nissan што произведува поголем потисок од GT-R Nismo.

Алкантара по целиот кокпит и седишта со карбонска школка

Фејслифтот донесе и освежен ентериер, со подобрен впечаток за квалитет, за што придонесува и обложувањето на редизајнираниот кокпит, воланот и на средишниот потпирач за рака со алкантара. Со средишниот дисплеј зголемен на 8 инчи се смени и ракувањето со функциите на GT-R, вклучувајќи и смалување на бројот на копчиња од 27 на само единаесет. Поголемиот дел од функциите е префрлен на централниот прекинувач во конзолата од карбон. Nismo вгради и седишта со карбонска школка и облога од црвена алкантара.

Nissan GT-R Nismo: Годзила на тркачката патека

Напредуваа и перформансите, преку зајакнувањето на каросеријата. Инженерите на Nissan објаснуваат: „Скрутената каросериска структура овозможи натамошно дотерување на амортизерите, пружините и стабилизаторите на GT-R Nismo, кои заедно со зголемениот потисок резултираат во подобрена управливост во споредба со претходникот.“ Изразено во бројки, новиот GT-R ги подобри слаломот и страничната забрзување за околу 2 проценти. Сето тоа е постигнато без интервенции во моторот, кој и натаму си работи со 600 КС, извлечени од 3,8-литарскиот V6 со битурбонатполнење.

Исто како за стандардниот GT-R, за рачната изработка на моторот за верзијата Nismo се грижи одбран тим од врвни мајстори на својот занает, познати во јапонската традиција како „такуми“. Одговара и цената: 150.000 евра.

[FAG id=24488]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes G-Class за професионалци: Не мора секогаш да биде AMG

Дали ова е новиот тренд на индивидуализација: Запуштен стил за скапоцено парче