за

Nissan стартува со испорака на новата Micra

Шест илјади примероци од новата генерација на Micra се дистрибуирани до салоните на Nissan низ Европа. Купувачите што го нарачаа новиот модел уште во декември, веќе ги возат првите километри со автомобилот што ветува големо враќање на јапонската марка во сегментот на Renault Clio и Ford Fiesta.

Nissan го испорача првиот контингент од околу 6.000 примероци од новата Micra до салоните на марката на најголемите пазари во Европа. Близу две илјади дилери на Nissan во Белгија, Австрија, Германија, Швајцарија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Португалија, Италија и Холандија веќе ја добија новата Micra во возниот парк, а набрзо ќе следуваат и земјите во Источна Европа и Скандинавија.

Според Пол Вилкокс, шеф на Nissan во Европа, петтата генерација на Micra „поставува нови стандарди за европските купувачи во сржта на комбилимузините од Б-сегментот“. По неколку невпечатливи генерации од моделот што на преминот во новиот милениум претставуваше една од најоригиналните понуди во сегментот, Nissan повторно става акцент на Micra, како модел што припаѓа во вториот најпродаван сегмент на европскиот пазар.

Развојот и дизајнирањето на новата Micra се дело на европските центри на марката, а производството ќе се одвива во фабриката на партнерот Renault во Флинс, Франција. Димензиите на каросеријата се значително зголемени во споредба со претходникот и моделот претставува радикален исчекор од досегашната стратегија, со цел да се врати сјајот на првите три генерации на ова моделско име, коешто првпат се појави на европскиот пазар пред 34 години.

Покрај дизајнот, меѓу најважните обележја на новата Micra се квалитетот на изработка што го ветува Nissan, како и иновативните технологии во сегментот на градските автомобили, меѓу кои систем за активно следење лента, којшто автоматски го враќа возилото во сообраќајната лента при невнимание на возачот. Интересна ставка за аудиофилите се звучниците од Bose вградени во потпирачот за глава на возачкото седиште.

Понудата од погонски единици опфаќа трицилиндарски бензинец од 0,9 литар со турбонатполнење и моќност од 90 КС, дизел од 1,5 литар со 90 КС и основен бензинец од еден литар со 73 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова се најпопуларните бои кај автомобилите

Kaspersky откри безбедносни пропусти во авто-апликациите