за

Nissan го најавува првиот сериски мотор со променлива компресија

Производителите долго време експериментираат со мотор со променлив степен на компресија, но Nissan е тој што прв го прави чекорот и го најавува овој револуционерен мотор во сериско производство.

Под благородната марка Infiniti, Nissan ќе го претстави првиот мотор со променлив степен на компресија што е подготвен за сериско производство. Премиерата на моторот VC-T (Variable Compression – Turbocharged) е најавена за салонот во Париз, кон крајот на септември. Инженерите на јапонскиот производител подолго од 20 години ја развиваат иновативната технологија, којашто наскоро ќе доживее сериска примена.

Дволитарскиот VC-T претставува голема револуција во конструирањето на автомобилските мотори, позначајна дури и од воведувањето на впрскување на горивото под висок притисок кај дизел моторите или од примената на турбонатполнење и варијабилна фаза на брегастите вратила. Според шефот на Infiniti, Роланд Кригер, „технологијата VC-T претставува револуционерен чекор напред во подобрувањето на ефикасноста на моторите со внатрешно согорување.“

Моќност на шестцилиндарец, штедливост на трицилиндарец

Бензинецот со променлива компресија и турбонатполнење спојува моќност на 3,5-литарски шестцилиндарец и штедливост на 1,6-литарски мотор, односно е за околу една четвртина поштедлив од стандарден дволитарски бензинец со турбонатполнење, при значително подобри перформанси.

Од јапонската марка засега не откриваат повеќе детали околу техниката во VC-T и наведуваат дека промената на компресијата се постигнува преку зголемување и намалување на одот на клиповите. Последувателно се менува и работната зафатнина на моторот. Степенот на компресија се движи меѓу 8:1 (за високи перформанси) и 14:1 (за висока ефикасност). Интелигентната електроника автоматски го одредува оптималниот степен на компресија според условите на возење.

Nissan ветува и драстично намалување на бучавата и вибрациите

Предностите на технологијата VC-T се во намалената потрошувачка на гориво и емисија на штетни материи, драстично намалување на бучавата и на вибрациите на моторот. Покрај тоа, моторот е покомпактен и полесен во споредба со конвенционалните мотори со споредлива моќност и работна зафатнина.

Светската премиера на VC-T ќе се одржи на салонот во Париз, на 29-ти септември, додека првите сериски модели со овој мотор се очекува да се појават во продажба во почетокот на 2018 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari заработува 56.000 евра од секој продаден автомобил

Јапонија го прогласи Subaru 360 за индустриско културно наследство