На следниот Леман, Nissan ќе учествува со спектакуларното возило на струја Zeod RD. Овој болид вози со 300 km/h и според Nissan е најбрз тркачки автообил на струја на светот.
Трката 24 часа Леман важи како најтешка маратонска трка на светот и во оваа година го навршува 90-от роденден. Nissan го искористи присуството на публиката и медиумите да го најави своето тркачко возило за следната трка во Леман, Zeod RC. Со крајната брзина од 300 километри на час, овој Nissan е најбрз тркачки автомобил со погон на струја на светот. Дебито на болидот ќе биде догодина, со старт од гаражата со број 56, односно од делот за возила со алтернативен погон.
Zeod RC е подвижна лабораторија за Nissan и за неговото спортско одделение Nismo. До стартот во идната година, техничарите ќе тестираат повеќе варијанти на погон на струја во возилото, кои што ќе се користат за планираното враќање во кралската класа на маратонските трки LMP1, но и за примена како искуство во сериските модели на Јапонците. Публицитетот не смее да се заборави, сепак Nissan го произведува најпродаваниот автомобил на струја на светот, компактот Leaf.
Ознаката Zeod е кратенка од Zero Emission on Demand, односно нулта емисија по потреба, што значи дека се работи за хибриден автомобил, а не за електромобил. Ракетата изгледа како DeltaWing со кого што Nissan настапи на минатогодишниот Леман. За жал, возилото заврши неславно, откако пилотот на Toyota, Казуки Накаџима, удри во него и го исфрли од патеката.