Германската компанија Ми Енерџи произведува подвижна станица за полнење електрични автомобили, што работи без таа да биде приклучена на струјната мрежа. Првата помисла е дека тука работи генератор на дизел гориво, но вистината е многу подобра од тоа.
Електромобилноста е голема шанса за сите. Не се работи „само“ за електричните автомобили, туку многу повеќе е до производството на електричната енергија. Доколку постои целосна покриеност со брзи полначи, не само во градовите и покрај автопатиштата, туку и на места што луѓето сакаат да ги посетуваат поради недопрената природа – и отсуство на моќна електирчна мрежа – проблемите одеднаш исчезнуваат.
Уште подобро е кога производството на електрична енергија се одвива од обновливи извори. Германски Ми Енерџи произведува мобилни станици со брзи полначи за електрични возила. Масивниот блок, голем колку трафика, може да се постави буквално секаде, затоа што нема потреба тој да се поврзува на дистрибутивната мрежа.
„Изградбата на мрежата е долготрајна, скапа и не може да го следи растечкот број електрични возила. Компанијата ми енерџи произведува мобилни станици со брзи полначи, што својата сопствена зелена струја ја произведуваат од биоетанол“, стои во соопштението од компанијата со седиште во сојузната покраина Бранденбург.
Развојот на мобилната Рапид Чарџер 150 е дело на Александер Зол и Инес Адлер. Тие се впуштија во предизвикот, меѓуи другото и поради тоа што во Германија, и не само таму, досега одвај дека се вложуваше во развој на мрежа од полначи што е независна од дистрибутивната мрежа. Односно, малку е направено за станици со полначи што може да се постават каде било и сами да ја оддаваат енергијата за полнење на батеријата на возилата. Рапид Чарџер секако дека може да се користи и за спречување на преоптоварувањето на мрежата.
Моќноста со којашто полнат напредните електрични автомобили соодветствува на потрошувачка на зграда со 20 станови. Тоа е голем предизвик за дистрибутивната мрежа, којашто и без тоа работи често на граница на преоптовареност.
Рапид Чарџер 150 е долга 3,8 метри, висока 2,5 метри и широка 1,7 метар. Системската моќност изнесува 150 кВ, а станицата може да се постави до 2.000 метри надморска висина. Во исто време може да полнат два автомобили. Работната температура е во опсег од -20 до 45 степени Целзиусови. Тежината е 7,5 тони и тоа е воедно единствениот предизвик, затоа што за поставувањето мора да се смета на камион и кран,
Со полн резервоар со биоетанол (2.000 литри), станицата може да испорача енергија за 20.000 километри. За 15 минути, возило полни енергија за 250 километри пат.
Цената на станицата е 150.000 евра. Производителот потсетува дека ѕидовите на станицата може да се користат и како рекламна површина.
















