Две возила MiEV Evolution II ќе стартуваат на легендарната Пајкс Пик во Колорадо. Минатата година Mitsubishi заврши втор, целта е оваа година да биде прв со модифицираните електротркачи.
Возилата со кои Mitsubishi ќе стартува на ридската трка се модифицирана верзија на тркачите од минатата година и обете ја користат техниката од серискиот i-MiEV. Со возилото ќе пилотираат лично шефот на тимот, Хироши Масуока, инаку севкупен победник на релито Дакар во 2002 и 2003, како и шесткратниот победник на Пајкс Пик со мотоцикл, Американецот Грег Трејси.
Бројни сериски делови од Evolution II потекнуваат од сериските возила. Тие се комбинирани со специјални електромотори и батерии. Каросеријата од карбон и пластика е исклучително лесна и поседува врвна аеродинамика. Тркачот на батерии е долг 4,87 метри, широк 1,9 метар и висок 1,39 метар, односно е подолг и понизок од минатогодишното возило.

Погонот е со четири електромотори, по два напред и назад. Тие имаат вкупна моќност од 544 КС. Поучени од ланските искуства, за оваа година техничарите го интегрираа погонот на сите тркала на Mitsubishi со контролата на стабилноста. До секое тркало сега се дистрибуира различна погонска и сопирачка моќ.
Mitsubishi ќе ги користи сознанијата стекнати на трката за развој на идните возила со погон на струја, со цел да се зголемат моќноста и досегот.
Официјално безбедносно возило на трката Пајкс Пик е Mitsubishi Outlander, кој неодамна беше одликуван од јапонскиот J-NCAP со пет ѕвездички и истовремено беше прогласен за најбезбеден јапонски автомобил.