Tesla долго време ги нервираше големите производители. Концернот Volkswagen повеќе не сака да дозволи некој друг да го презема владеењето со електромобилноста и ја мобилизира марката Porsche. Со спектакуларен концепт.
Снежно белиот концептен автомобил што Porsche го прикажува премиерно пред светот на салонот во Франкфурт изгледа како помал брат на Panamera, со поагресивен и футуристички дизајн. Но, изгледот и името не е се што има да прикаже Mission E. Тука навистина станува збор за идниот малечок брат на Panamera, но таков што со својот електричен погон ќе се погрижи да ја прекине доминацијата на Tesla Model S, особено на пазарот во САД.
Додека Mission E достигне зрелост за сериско производство ќе минат уште најмалку три години. Со светлата со матрични диоди, Mission E силно потсеќа на Porsche 918 Hybrid. Технологијата што ја поседува концептниов автомобил од Франкфурт сепак е многу понапредна и од актуелниот параден коњ на спортската марка од Цуфенхаузен.
800 волти, 600 коњски сили, 500 километри досег, 15 минути полнење
Шестотини коњски сили ќе обезбедат грандиозни перформанси, а досегот од 500 километри со погон на струја и времетраењето на полнењето на батериите од само 15 минути ќе овозможат автомобилот да постигне полна искористливост во секојдневието. Сензационално кусото траење е заслуга на новиот брз полнач кој што со своите 800 волти ги полни батериите до 80 проценти од нивниот капацитет за само петнаесетина минути.
Porsche не пропушта да ги открие и перформансите на идниот суперелектричен автомобил. Забрзувањето до сто трае 3,5 секунди, а до двестотини километри на час се потребни само 12 секунди. Камерата во внатрешниот ретровизор го снима и го препознава лицето на возачот, за неговото моментално расположение да го прикаже преку емотиконот во кокпитот, а потоа и на пријателите, преку социјалните мрежи. Porsche очигледно располага со интересни идеи за иднината.
Инструментите се поместуваат кога возачот лови свијоци
Концептот Mission E не се појавува на одмерувањето на силите на авто-производителите во Франкфурт само како електричен автомобил, туку и како дизајнерска визија. Купето со четири врати располага со четири засебни седишта во кабината, но и со иновативен начин на ракување преку гестикулација и поглед. Погонот на сите тркала и управувањето на сите тркала го дополнуваат арсеналот на електромобилот.
Освен преку приклучокот за брзо полнење под напон од 800 волти во предното крило, Mission E во нормален модус може да се полни по пат на индукција преку плочка вградена во подот на возилото, со напон од 400 волти. Во тој случај и полнењето е покусо, но и натаму е побрзо од постоечките решенија.
















