Mini се впушта во нова авантура: Mini Paceman Adventure

Практикатите во фабриките на BMW направија уникатен пикап од Mini. Сериско производство не е планирано. Штета. Во стандардната понуда на Mini има многу модели што се повеќе бесмислени од овој.

Овој автомобил е создаден да освојува нови терени. Со две седишта, отворена платформа за товарање назад, моќен турбо со 184 КС, погон на сите тркала, повишено подвозје и неколку оригинални ставки во опремата, Mini Paceman Adventure е најпријатното освежување во понудата на германизираната британска марка. Но, BMW категорично исклучува секаква можност мини-пикапот да се најде во редовна продажба покрај купето, родстерот, теренецот, купе тернецот, комбито … Mini Paceman Adventure е дело на практикантите во фабриките на BMW во Минхен и Динголфинг, значи е „најобична“ практична вежба, и ќе остане уникат. Штета. Ќе беше вистинска храброст Mini да направи нешто што никој друг не помислил да го понуди на пазарот.

Mini Paceman Adventure има голема товарна површина веднаш зад предните седишта, а резервното тркало е качено на носач на покрив. Со модификација на подвозјето е зголемено растојанието од подлогата, што во комбинација со кусите каросериски превиси претставува совршен предуслов за речиси неограничена теренска проодност. За преминување река ќе биде од корист цевката за вшмукување воздух за моторот, што исто како кај најцврстите теренци води покрај предниот столб и завршува на висина на покривот. На предниот дел од носачот на покрив се поставени големи рефлектори, за оптимална видливост ноќе. На тркалата се монтирани специјални теренски гуми, а каросеријата е лакирана во ексклузивна „џунгла“ зелена боја во металик. И повторно, Paceman Adventure ќе остане уникат, сериско производство не се планира. Suzuki X-90 сепак ќе биде единствен што ќе се помни по храброста да се појави како сериски модел.

Претходна објаваCitroen ги објави цените на C4 Cactus во Франција: Старт од 13.950 евра
Следна објаваMazda со историски рекорд во минатата деловна година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here