Двајца новинари и еден фотограф појдоа од Лондон на патување долго 15.000 километри со Mini Cooper, како одбележување на 40-годишнина од авантурата на основачот на Lonely Planet.
Со возењето во должина од 15.000 километри низ Европа, Азија и Австралија, тимот ќе нé потсети на подвигот што пред 40 години го направија Морин и Тони Вилер. Во 1973 година, брачната двојка Вилер појдоа на маратон кој што водеше до Сиднеј во Австалија и на крајот беше пренесен во книгата „Низ Азија по евтина тарифа“. Оваа книга прерасна во задолжителна лектира на авантуристите и го одбележа стартот на познатата серија на туристички водичи Lonely Planet.
Морин и Тони Вилер патуваа со син Mini Van, купен како користено возило за 60 евра. Пионерите на индивидуалниот туризам стасаа со 34-те КС на Mini до авганистанскиот Кабул, од каде што го продолжија патувањето со други превозни средства. Нивните современици од магазинот Lonely Planet Traveller имаат многу подобро возило. Mini ooper D Clubman вози со дизелски мотор со 112 КС, а има и неспоредливо повеќе простор во кабината за потребите на авантурата.

Поради политичките промени во овие четири децении, тимот мора да отстапи од првичната рута. Првата фаза, место до Кабул ќе води до Истанбул. Со напредокот на техниката за комуникација, тимот на магазинот Lonely Planet Traveller редовно ќе објавува фотографии, видеа, постови, твитови и актуелни патни карти за интересните локации на долгото патување.
Главниот уредник на магазинот смета дека и покрај големите промени во 40-те години, едно останува непроменето: „Исто како тогаш, патуваме низ светот во потрага по исклучителни доживувања. Промените во светот во овие 40 години се огледуваат во отворените граници, подобрените поврзувања и новите технологии.“
Патувањето по стапките на основачот на Lonely Planet ќе се документира на www.lonelyplanet.com/across-the-planet, како и на Twitter @LP40trip, а секако ќе се објавува и во идните изданија на магазинот Lonely Planet Traveller.