На патеката Нирбургринг е уловен прототип на GT кој со големите спојлери јасно укажува дека Mercedes-AMG работи на екстремна верзија од спортското купе. Black Series би можел да достигне и 600 КС!
Дали овој монструм што целосно е прекриен со спојлери можеби е новиот Mercedes-AMG Black Series? Карпараците уловија прототип на тестирање на Нирбургринг, од кого што би можела да произлезе екстремната варијанта на спортскиот автомобил на AMG. Напред има поголеми отвори за воздух, спојлерот е повеќе издаден нанапред, а ги има и страничните перки коишто се добро познати од претходните модели Black Series. Назад се забележуваат огромен фиксен спојлер, заедно со дифузор со поголеми димензии и средишно поставена овална издувна цевка. Подвозјето е спуштено и со проширена трага, а се наѕираат и големи керамички сопирачки со златни клешти.
Black Series ќе биде хомологациска основа за тркачкиот болид во шампионатот GT3
Mercedes-AMG GT Black Series ќе биде уште повеќе оптимиран за тркачка патека од стандардниот модел, за одмерување на силите со Porsche 911 GT3, Aston Martin Vantage GT12 или Nissan GT-R Nismo. Моќноста ќе порасне, тежината ќе се намали за 50 до 100 килограми, подвозјето ќе биде дотерано радикално. Со зголемнување на притисокот на натполнење, силината на четирилитарскиот битурбо V8 за миг ќе се зголеми од сегашните 510 КС во AMG GT S на 550, па дури и до 600 КС.
На порастот на моќноста на погонската единица ќе парираат промените во подвозјето, а веројатно и во седумстепениот менувач со двојка спојка. Шефот на Mercedes-AMG, Тобијас Моерс, неодамна изјави дека верзија на GT што е оптимирана за тркачка патека ќе го спушти времето на AMG GT S на Нирбургринг за најмалку десет секунди. Неговото време е 7 минути и 30 секунди. Сериската верзија на тркачкиот модел на Mercedes-AMG ќе биде претставена во текот на следната година. Единствено останува неизвесно дали моделот ќе ја носи ознаката Black Series или можеби ќе се користи друга ознака. Ознаката GT3 не доаѓа во предвид. Таа му припаѓа на конкурентскиот Porsche.

















