Mercedes го претстави првиот електричен камион од „тешка категорија“

Револуцијата на електричниот погон го зафати и тешкиот транспорт. Mercedes Urban eTruck со максимална тежина до 26 тони може да извози 200 километри со едно полнење на батериите и ќе стане реалност во транспортот на стоки веќе во почетокот на следната деценија.

Примената на електричниот погон кај товарните возила досега наидуваше на големи тешкотии, коишто спречуваа поинтензивна примена како кај патничките автомобили. Во меѓувреме, цените, перформансите и времетраењето на полнењето се сменија драстично и претстои голема револуција на електричниот погон во транспортот на стоки.

Најголемиот производител на товарни возила во светот Daimler Trucks го претстави Mercedes Urban eTruck, како прв камион со електричен погон и максимална тежина до 26 тони. Тоа значи дека во дистрибуцијата на стока во градовите во иднина ќе се вклучат и тешки товарни возила со електричен погон – без штетни гасови и со значително намалено ниво на бучава. Daimler Trucks предвидува дека техниката ќе биде подготвена да се пушти во редовна продажба веќе во почетокот на следната деценија.

Обединетите Нации сметаат дека од девет милијарди жители на планетата во 2050 година, околу 70 проценти ќе живеат во градови. Тоа значи дека ќе расте и потребата од снабдување на урбаните простори. Некои градови како Лондон или Париз планираат да го забранат сообраќајот за возила со мотори со внатрешно согорување во градските центри. Тоа значи дека снабдувањето со стока на градовите во иднина ќе мора да се врши исклучиво со електрични товарни возила.

Компанијата е присутна во секторот на електрични товарни возила уште од 2014 година, со Fuso Canter E-Cell. Во електричниот погон во иднина ќе се инвестира исто толку интензивно, како во технологијата на автономно возење и во мрежното поврзување на возилата и патната инфраструктура.

Според Daimler Trucks, цената на батериите до 2025 година ќе се намали за 2,5 пати во споредба со 1997 година – од 500 евра за киловатчас на 200 евра на киловатчас. Паралелно расте и моќноста, од 80 Wh/kg на 200 Wh/kg.

Техничка основа за Mercedes Urban eTruck е тешок камион за дистрибуција со три оски. Инженерите применија комплетно нов погонски концепт. На местото на конвенционалната погонска спрега работи задна оска со електромотори поставени веднаш покрај главчините на тркалата. Новата оска е изведена од електричниот погон на хибридната верзија од Mercedes Citaro. За снабдувањето со енергија се грижи батериски пакет од три модули од литиум-јонски батерии, коишто овозможуваат досег до 200 километри. Тоа е доволно за вообичаената дневна тура во дистрибуцијата на стока на локално ниво.

Претходна објаваОва е новиот изглед на салонот на Bugatti во Лондон
Следна објаваСите претходници на Aston Martin DB11

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here