Mercedes го подготвува за старт купето од класата C

На моделското семејство на класата C на Mercedes му претстои големо проширување. Следуваат комби, купе, кабриолет, верзија на AMG, продолжена верзија. Први доаѓаат најубавите.

Речиси може да се слушне како конкурентите Audi и BMW веќе ги вклучуваат алармите. Mercedes го подготвува купето од новата класа С да стартува во 2015 година, а една година подоцна и кабриолетот. Наследникот на CLK и на актуелното купе од генерацијата W204 нема да дели ниту еден дел од каросеријата со лимузинската класа С, којашто служи како основа за моделот. Мало разочарување за традиционалните купе-возачи на Mercedes ќе биде тоа што средишниот столб останува, исто како кај Audi A5 и купето од серијата 4 на BMW. Вистинското купе-чувство, без средишен столб и без рамка на прозорците, со електромотор што го доставува безбедносниот ремен и со електромотор за поместување на предните седишта, останува резервирано за поголемото и поскапо купе од класата Е.

Верно на традицијата, кабриолетот ќе има платнен покрив

За разлика од BMW, каде што кабриолетот од серијата 4 се враќа на преклоплив метален покрив, Mercedes останува верен на платнениот покрив. Трикот со феновите што дуваат околу вратот, заради пријатно чувство при возење со спуштен покрив во зима, ќе го применува и новиот кабриолет од класата С. Во списокот на дополнителна опрема ќе се најдат дополнителна акустична изолација на покривот, за попријатно чувство при возење со брзо темпо и електрично ракување со ветерната брана зад задната клупа.

Понудата од мотори ќе ја сочинуваат четирицилиндарски бензинци со моќност до 238 КС и шестцилиндарец од три литри, со турбонатполнење и 333 КС, како замена за претходникот со зафатнина од 3,5 литри и 306 КС. Дизелите имаат споредна улога во кабриолетите, но Mercedes ќе ги нуди и во новата генерација.

Хибриден погон и за елегантните модели од класата С

Благиот хибрид е само преодно решение во моделите на Mercedes. Комбинацијата од 2,1-литарски дизел и електромотор од 41 КС ја држи потрошувачката во новата класа С на 4,1 литри. Поголема штедливост и подинамични перформанси секако ќе следуваат во полната хибридна изведба, со можност за надворешно полнење на батериите и со електромотор со 122 КС. Овој електромотор ќе се комбинира со дволитарски и трилитарски бензинец, односно со нов дволитарски дизел од 2017 година. Со овие модели ќе може да се вози на струја до 50 километри.

Врв во понудата ќе биде AMG со преку 500 КС

Топ модел во гамата и натаму ќе биде C 63 AMG, кој како замена за 6,2-литарскиот атмосферски мотор со високи вртежи ќе добие нов осумцилиндарски битурбо. Со моќност од најмалку 500 КС, овој мотор ќе биде супериорен над конкурентските Audi RS5 и BMW M4. За разлика од актуелната генерација, во којашто купето има иста цена како лимузината, во иднина ќе треба да се доплаќа околу 2.000 евра за верзијата со две врати. Љубителите на сонцето и на свежиот воздух ќе треба да платат уште најмалку 5.000 евра на тоа.

Претходна објаваЕлектричните автомобили се корисни и кога стојат
Следна објаваДизелска Fiesta и бензински Focus се шампиони во штедливост

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here