за

Нова класа на Мерцедес: Т-Модел за со костум, T-Класа за карго-пантолони

Најновата класа автомобили на Mercedes-Benz нема врска со „Sonderklasse“ или со „Executive“, туку нејзиното T во Т-Class доаѓа од транспорт. Еден посебен автомобил што си ги наоѓа купувачите и во време на СУВ и електромобили.

Буквата T не е нова во моделската понуда на Mercedes-Benz, покрај долгата традиција на Штутгарт, комби-моделите да ги именува T-Modell. Првото комби во понудата на Mercedes-Benz дојде токму од легендарниот W123 во 1977 година. Новиот модел што ја носи буквата Т освојува со различни вредности од лимузините и теренците на Mercedes-Benz, но постојат и бројни нешта што го поврзуваат со нив.

Некој ги сака автомобилите од овој вид само поради лизгачките врати, друг поради едноставното товарење велосипеди назад, без потреба да се купуваат скапи носачи за на покрив и да се изведува гимнастика при нивното качување, трет веројатно ја гледа и цената како предност, затоа што станува збор за возило во категорија каде што цената има уште поголемо влијание отколку кај семејните лимузини. Без разлика каде ќе се најдат предностите кај Mercedes-Benz T-Class, факт е дека и по близу триесет години од појавувањето на пионерските Berlingo и Partner, малите ванови уште опстојуваат на сцената.

Оваа каросериска форма, односно концепт на целото возило, датира од релативно нов период. Пред Berlingo и Partner, слична функција вршеше една чудна креакција возила од видот на тогашните Volkswagen Caddy и Seat Inca, Citroen C15 и Renault Rapid. Тоа беа чисто товарни возила, базирани врз градски комбилимузини. Уште пред тоа постоеја обиди да им се даде дополнителна функција и „цивилна“ примена, како што тоа беше случај со обожуваната Matra Simca /Talboty Matra Ranchо во 1970-те и 1980-те години.

Но, први што вистински успеаја да им дадат „лимузински“ карактер на овие возила, беа Peugeot и Citroen, со своите Partner и Berlingo. Тие се појавија во средината на 1990-те години и беа вистинска сензација, меѓу другото и на македонскиот пазар, во времето кога тој уште се држеше на здрава основа. Постоеја гласини дека тогашна PSA на некаков начин дошла до проектот на Renault, со којшто требаше да му се најде наследник и да му се даде нов живот на легендарнот R4 – тоа секако е Kangoo, којшто се појави околу една година по моделите на конкурентскиот PSA. Оваа тројка остави силен печат на тоа време.

Легендарната Matra-Simca Rancho, далечен предок на малите ванови за секоја пригода од ковот на Mercedes-Benz T-Class

Тоа е еден подолг вовед во денешната T-Class, Mercedes-Benz T-Class, не едикојси автомобил. Основата е мошне очигледно дека доаѓа од Citan, од втората генерација на доставното возило. Во поделбата во Mercedes-Benz Group, на патнички автомобили (MB Cars) и на ванови (MB Vans), T-Class им припаѓа на вториве. Двата модели на германската марка, пак, практично се исти со Renault Kangoo. Оваа германско-француска соработка се одвива веќе втора генерација. Претходно, Citan беше отпосле приспособена варијанта на францускиот ван, но во оваа генерација сé е коригирано во тој поглед, па Mercedes-Benz учествуваше во развојот на автомобилот исто колку и Renault.

Причината зошто премиум марка од рангот на Mercedes-Benz, соработува со големоволуменска марка, а згора на тоа и марка што не е германска, лежи во економијата. Факт е дека денес не постои модел на ван што е самостоен, односно модел што не се произведува и под друга марка. Кога два производители ги делат трошоците за развој и за производство, тогаш двата модели од таа соработка ќе имаат пониска цена на пазарот, отколку секој модел да се произведува посебно.

Истата таа деловна логика, доведе до тоа, доставниот ван Citan да се нуди и во патничка изведба како Citan Tourer, но и во премиум изведба, како T-Class, рамноправна со A- или B-Class. Наскоро следи патничка верзија со седум седишта, но вистинската круна ќе биде електричната изведба EQT, што се очекува наесен.

MERCEDES EQT

Во споредба со Citan, неговата премиум-варијанта T-Class покажува хромирана маска и лакирани ретровизори, рачки и преден браник. На прагот во предните врати пречекува лајсна со натпис Mercedes-Benz. На долгиот список опции може да се нарачаат и тркала од 17 инчи. Посебно за T-Class може да се избере рубин-црвена металик боја за каросеријата.

Возилото е долго 4.498 милиметри, широко 1.859 милиметри и високо 1.811 милиметри, без кровни носачи. Верзијата со седум седишта веројатно ќе биде подолга од пет метри.

Покрај тоа што багажникот (520 / 2127 литри) е неспоредлив со класична лимузина во поглед на зафатнината и искористливоста, уште една предност е мошне нискиот под, на 561 милиметар од земја. Кога треба да се натовари тежок или крупен товар, нискиот под менува многу.

Две лизгачки врати се стандард, додека место единечен поклопец, назад може да се избере и двокрилна врата. Вратите отвораат простор за пристап широк 614 милиметри и висок 1.059 милиметри.

Во внатрешноста се чувствува печатот на Mercedes-Benz. Секако дека арматурната табла е изработена од поедноставен материјал, во споредба со A-Class или B-Class, меѓутоа за почит е тоа што се вградуваат сопствени компоненти. Целата арматурна табла се разликува од онаа во Renault Kangoo, барем во главните потези.

Преку средишниот дисплеј (7 инчи стандардно) се пристапува до функциите на инфо-забавниот систем MBUX, воланот со сензорски полиња и инструментите исто така се сопствени, па и изработката е на пристојно ниво. Заедничкото производство е во фабриката на Renault, во Мобеж, на крајниот север на Франција, близу границата со Белгија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Вградено е многу опрема, T-Class е веројатно единствен модел во гамата на Mercedes-Benz, каде што купувачите ќе посегнат по само една или две опции. Стандард во T-Class, покрај погоре спомнатите ставки, спаѓаат клима уред, старт на копче, патен компјутер со дисплеј од 5,5 инчи, диодни светилки во кабината. Во уште поопремените изведби Style и Progressive може да се избира меѓу 8 бои за внатрешното осветлување.

Вратите се обложени со Neotex, материјал познат од електричните модели EQ, со изглед сличен на нубук-кожа и неопрен. Украсната лајсна по целата ширина на кокпитот е лакирана во сјајна црна боја. Багажникот и подот се обложени со тепх, за разлика од Citan. Тоа се потези што умеат да убедат во добрата намера на продукт менаџерите на T-Class.

Во поглед на системите за безбедност, Mercedes-Benz не прави разлика меѓу вановите и лимузините. Систем што спречува возилото со висока силуета да се измести при удар на силен страничен ветер е значајна ставка, исто како и самостојното запирање при опасно вклучување на крстосница или предупредувањето при замор. На листата се и вредни ставки што се важни при патување, од типот на приспособлив темпомат или активен систем за паркирање, заедно со задна камера. И кај светлата може да се избере понапредно ниво, со светла LED High Performance, коишто патем се стандард во изведбата Progressive.

Високо поставената рачка на менувачот е уште една посебност од светот на товарните возила, што знае да создаде симпатии кај T-Class. Опција е 7-степен менувач со двојна спојка.

Гамата се состои од бензински и дизел мотор во по два степени на моќност. Посилниот дизел со 85 kW располага со буст-функција при забрзување и престигнување, кога краткотрајно се постигнуваат 89 kW и 295 њутнметри вртежен момент.

Гамата ја сочинуваат

Mercedes-Benz T 160 d: 1.461 ccm, 95 КС, просек 5,3 – 5,9 L/100 km, 164-165 km/h
Mercedes-Benz T 180 d: 1.461 ccm, 116 КС, просек 5,5 – 5,9 L/100 km, 175-177 km/h
Mercedes-Benz T 160: 1.332 ccm, 102 КС, просек 6,7 – 7,2 L/100 km, 168 km/h
Mercedes-Benz T 180: 1.332 ccm, 131 КС, просек 6,6 – 7,3 L/100 km, 183-184 km/h

Салонскиот примерок што е снимен на видеото е во изведбата T 180 d од врвот на понудата, со неколку ставки дополнителна опрема и со цена од 35.000 евра.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Светот сака да гледа уште од Peugeot Inception Concept

ЕУ и Германија се спогодија за е-горивата по 2035 година