за

Mercedes S 65 AMG: Најсилната сериска лимузина на светот

Конкурентот Audi оди до 520 КС, BMW до 544 КС. Mercedes ги остави зад себе уште со S 63 AMG со 585 КС. За да ги посрамоти двапати, марката сега го нуди и S 65 AMG со 630 КС!

Со 630 КС, новата моделска изведба на класата S стана најсилна лимузина од сериско производство на светот, дури и пред Bentley Flying Spur, кој има пет коњи помалку. Премиерата ќе биде паралелно на два салона, во Лос Анџелес и во Токио, кон крајот на ноември.

Основата на S 65 AMG е шестлитарскиот битурбо V12 познат од претходникот. На коленастото вратило удираат неверојатно 1.000 њутнметри! Спринтот до сто трае само 4,3 секунди, што е за десетинка подобро од стариот модел. Крајната брзина џентлменски е ограничена на 250 km/h. За преносот на сила е задолжен седумстепен автоматик, за разлика од претходникот со пет степени. Со тесно степенуваниот менувач се овозможува и поголема штедливост. Новакот троши 11,9 литри, односно 2,4 литри помалку од стариот S 65 AMG.

Пали со литиум јонски акумулатор

Исто како во S 63 AMG, во посилната верзија на лимузината се користи литиум јонски акумулатор. Неговата предност во споредба со оловните акумулатори е заштеда во тежина од 20 килограми и минимална чувствителност на студ. Активното подвозје на класата Ѕ, кое со помош на камера ги препознава нерамнините на патот и однапред ја програмира работата на амортизацијата, секако е дел и од најмоќната верзија. Сопирањето е задача на сопирачки со композитни дискови, а со доплата е достапна и керамика.

Препознавање по деталите

Однадвор не се забележува разлика со S 63 AMG. Само деталите откриваат дека станува збор за најсилниот модел: Голема маска со шест двојни ламели во хром, натписи V12 Biturbo на крилата и натпис S 65 AMG на багажникот. Спортскиот издув завршува со две двојни цевки со финиш во хром. Бандажите од 20 инчи се стандард, напред со гуми 285/35, назад 285/35.

Премиера за проекцискиот дисплеј

Тоа што BMW го нуди веќе деценија, а Audi од скоро, сега доживеа премиера и во Mercedes. За прв пат се нуди проекциски дисплеј, со прикажување на патните информации врз ветробранот. Испораката на S 65 AMG стартува во следниот март, исклучиво во продолжената каросериска изведба. Германската цена е 232.050 евра. Во споредба со тоа, S 63 AMG, со цена од 150.000 евра е речиси багатела.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan Qashqai: Сите како него или тој како сите?

На јапонскиот премиер автомобилот му е шофер