Модерен луксуз е тековното мото на најстариот производител на автомобили во светот. Mercedes-Benz уште нема кажано сé околу луксузот. Новиот луксуз е плаќање сметка на станица за гориво директно од возилото.
Возачките и возачите на Mercedes во Германија од денес можат директно од автомобилот да ја платат сметката што ќе ја направат на станица за гориво. За тоа единствено е потребно скенерот во возилото да го прочита отпечатокот од прстот.
Нема потреба да се внесува 12-цифрениот ПИН и да се прави дополнителна верификација, па дури не мора да се посегнува ниту по денешниот семоќен телефон . За услугата е потребно возилото да располага со инфо-забавен систем MBUX со сензор за отпечаток на прст.
Mercedes-Benz ја објави веста во вторникот, за услугата што ја нуди во соработка со партнерот Mastercard. Платежно средство е самиот автомобил, поточно: In-Car-Payment-System “Mercedes pay+”.
Швабската светска марка уште од 2021 година соработува со Visa во In-Car-Payment, но услугата досега се сведуваше само на интерни понуди од концернот. Новина е тоа што со новододадената функција со Mastercard може да се плаќа и сметка на станиците за гориво.
Во моментов услугата е достапна на 3.600 станици за гориво. Плаќањето „со прст“ директно од возилото во блиска иднина ќе биде достапно и за други услуги што се поврзуваат со возилото, како и на други европски пазари, кажуваат од Mercedes-Benz.
На возачките и возачите им е потребно во возилото да имаат инфо-забавен систем MBUX, како и картичка Master или Visa, што е внесена во нивната користичка сметка во „Mercedes Me“ .
Кога возачот ќе запре на станицата за гориво што е вклучена во системот и ќе го изгасне моторот, MBUX автоматски ја вклучува услугата „Mercedes me Fuel & Pay“. Возачот преку дисплејот на MBUX ја избира пумпата за гориво и го пресметува износот на сметката доколку полни до врв. Корисникот се потврдува преку отпечатокот од прст.
По полнењето, на дисплејот на MBUX се покажува наполнетата количина и точниот износ на сметката. Возачите не мораат да излегуваат од возилото или да го потврдуваат полнењето на каса, туку едноставно си заминуваат по автоматската наплата. Сметката пристига на е-пошта. Единствено што дополнително треба да го изврши возачката или возачот е да го отвори чепот на отворот за налевање гориво.