Мерцедес-Бенц ја потврди светската премиера на електричниот ГЛЦ на салонот за мобилност ИАА во Минхен, во септември. Заедно со него ќе се појави ЦЛА, како салонска премиера, а првпат пред поширока јавност излегува и концептот АМГ ГТ Икс Икс.
Мерцедес-Бенц го најавува следниот чекор од најголемата офанзива од модели во својата историја. Електричен ГЛЦ, којшто ќе го задржи името на своите бензински, дизел и хибридни изведби, и на тоа ќе додаде ознака „со Технологија ЕКу“, е вториот голем новитет по ЦЛА.
Моделот од сосем нова генерација, со погон исклучиво на струја, ќе се нуди покрај постоечките изведби на ГЛЦ со бензински, дизел и хибриден погон. Премиерата на ГЛЦ со Технологија ЕКу ќе се случува во павилјонот на Мерцедес-Бенц на „Отворениот простор“ во историскиот дел на Минхен. Новакот ќе биде изложен и во хала Б3 на Минхенското Сајмиште, на одалеченост од 10 километри од „Отворениот простор“ на ИАА.
Во соопштението што го објави Мерцедес-Бенц, стои дека „новиот електричен ГЛЦ е прв од цела низа нови модели со усовршен иконски дизајн на Мерцедес-Бенц и го претставува новиот лик на марката.“ Штутгарт му посветува клучно значење на електричниот „ГЛЦ со Технологија ЕКу“, како верзија на струја од својот најпродаван модел, од класичниот ГЛЦ.
Според претставниците на марката, електричниот ГЛЦ располага со сé што се очекува од бестселерот во понудата на Мерцедес-Бенц и неосетно го пренесува „наследството на ГЛЦ во електрична форма и е иконски, многустран, интуитивен и мазен.“
Во делот од ИАА што се одржува под отворено небо во срцето на баварската престолнина, ќе може да се доживеат напредните системи за асистенција, новитетите во светот на погонот, интелигенген кокпит, новини од дигиталниот свет. Тука ќе бидат изложени сите хибридни и електрични модели на Мерцедес-Бенц, од компактни модели од А-Класа, преку брзи лимузини и луксузни СУВ, до скапи ванови.
Првпат на салон се појавува ЦЛА, во лимузинска и во комби изведба Шутинг Брејк. Новата генерација на познатиот модел, освен во целосно електрична изведба, ќе се произведува и во изведба со благ хибриден погон.
Во маскирана форма ќе биде изложен и целосно електричниот ВЛЕ, којшто почнува со продажба в година и конструиран е врз нова платформа, којашто дозволува поголема разлика меѓу отмените ванови и издржливите товарни верзии – во основа, тоа е новата В-Класа на струја, уште полуксузна и повеќе „лимузинска“ во споредба со товарниот Вито.
Во непосредна близина, на Одеонплац ќе бидат изложени сите материјали, бои и украси што по нарачка ги вградува одделението Мануфактур.
Замислата на ИАА Мобилност во Минхен, за разлика од стариот ИАА во Франкфурт, е многу понепосредно запознавање на публиката со возилата и со технологиите што ги донесуваат тие. Саалонот се одржува од 9-ти до 14-ти септември.
Во рамките на „ИАА Експериенс“ ќе бидат достапни 30 електрични и хибридни модели на Мерцедес-Бенц, што посетителите ќе ги превезуваат од центарот на градот до Сајмиштето и назад.
Посебна атракција ќе бидат специјалните верзии на ЦЛА што се движат целосно автоматизирано од една до друга точка, со системот МБ.Драјв Асист Про. Може да се седне и на совозачкото место во ЕКуС или во С-Класа со Драјв Пилот. Овој систем за автоматско возење дозволува темпо 95 и со тоа е најбрзиот автопилот во светот.
Во „Самитот“, во рамките на Саемот, ќе биде изложен концептот АМГ ГТ Икс Икс, со досега најнапредни технологии на електричен погон со коишто располага автомобилската бранша. Тој е најава за првиот целосно електричен модел на АМГ, конструиран врз платформата АМГ.ЕА.
















