Прототипот со ниска каросерија покажува колкав потенцијал има во платформата АМГ.ЕА, во новиот електричен погон и во технологиите што допрво ќе почнат да се вградуваат.
Иако концептниот автомобил наведува на помисла дека тоа е можниот изглед на електричниот модел на АМГ, серискиот ГТ со 4 врати ќе се разликува. Продажбата се очекува да стартува кон завршетокот на следната година.
Погонот на АМГ ГТ Икс Икс се состои од три електромотори и батерија со брзо полнење, за којашто Мерцедес наведува дека за само пет минути ќе акумулира енергија за 400 километри пат.
Автомобилот од преку 1.000 киловати, односно над 1.360 КС, конструиран е врз новата платформа АМГ.ЕА и може да постигне над 360 километри на час.
Напредна технологија за високи перформанси
Концепт АМГ ГТ Икс Икс поседува електромотори со т.н. аксијален флукс, коишто се помали во споредба со вообичаените електромотори со радијален флукс.
Технологијата што е развиена од британска Јаса, во сопственост на Мерцедес, постигнува четирипати повисока енергетска густина. Електромоторите се толку малечки што може да се сместат под ниската хауба на суперавтомобилот, како и да обезбедат погон на сите тркала и прецизно распределување на моќноста до тркалата.
Новина се и долгите и тенки цилиндерски батериски ќелии. Малиот пречник овозможува растојанието меѓу јадрото на ќелијата и обвивката на ќелијата да биде помало, со што се постигнува подобро ослободување на топлината, наведува Мерцедес.
Куќиштето на алиминиумските ќелии е заварено ласерски и полесно е од челичните куќишта, а нуди и подобра електроспроводливост и подобро пренесување на топлината, наведува германскиот производител.

Создаден за брзина
Формата на купе-лимузината се одликува со ниска хауба, легнат ветробран и аеродинамична каросерија со коефициент на отпор од само 0,198.
Напред е главна маската во стилот на АМГ, со големата трикрака ѕвезда на Мерцедес.
Тенки дневни светла со правоаголна форма се сместени во краевите на маската, додека во надолжно поставените светла се вградени звучници за пешаците да можат да слушнат кога електричниот АМГ е во нивна близина.
Двата отвори во хаубата поседуваат перки и имаат задача да го одведуваат топлиот воздух од модулите за ладење. Долу се забележува сплитер што преоѓа во предните крила, со цел да се оптимира струењето на воздухот.
Назад прво се забележуваат остриот завршеток на опашот, дифузорот по цела ширина и шесте тркалезни светла.
Внатрешност на спортски автомобил
Внатрешноста е спој на тркачки автомобил изработен со најскапи материјали и опремен со најнапредна технологија
Широкиот дисплеј се состои од два екрани, едниот од 10,25 инчи пред возачот и другиот од 14 инчи во средината.

Воланот со речиси правоаголна форма е во стил на тркачки автомобил и поседува два широки краци. Зад воланот се ноаѓаат рачки за одредување на силината на рекуперацијата при отпуштање на педалот за возење.
Компонентите во кабината и каросериските делови околу средишната конзола поседуваат осветлени портокалови цевки што личат како кабли за висок напон.
Заради заштеда во тежината, таванот е необложен и назад се поставени карбонски школкести седишта.















