
Тесла во јули не постигна ниту половина од продажбата што ја имаше лани на најголемите автомобилски пазари во Европа, во Германија и Британија. На можните купувачи им пречат политичките гледишта на извршниот директор Илон Маск. Покрај тоа, компанијата се соочува со правни предизвици.
Напредуваше и конкуренцијата, а продажбата на електрични автомобили од кинескиот Би Уај Ди во јули се зголеми речиси петпати во Германија и четирипати во Британија, покажуваат службените податоци.
Јулската продажба на Тесла опадна за близу 60 проценти во Британија, на 987 возила, и за преку 55 проценти во Германија, каде што во минатиот месец биле регистрирани 1.110 нови Тесли.
Тесла во јули се соочи со пад во продажбата на уште неколку европски пазари.
Пазарот на Тесла во Шведска во јули падна за 86 проценти во споредба со лани, понатаму за 52 проценти во Данска, за 27 проценти во Франција, за 62 проценти во Холандија и за 58 проценти во Белгија. Тоа е веќе седми месец во низа, во којшто паѓа месечната продажба на Тесла во сите овие земји. Во Италија исто така следеше пад од 5 проценти и пад од 49 проценти во Португалија.
Норвешка и Шпанија се спротивставија на трендот. Во овие земји, продажбата на Тесла во јули порасна за 83, односно 27 проценти.
Во минатата година, Маск го пренасочи фокусот на Тесла од развој на нови и подостапни модели, на развој на технологија за автоматско возење.
Маск за време на објавувањето на резултатите од второто тромесечје на 23-ти јули им соопшти на аналитичарите дека строгите закони за автоматско возење во Европа ја отежнуваат продажбата на Ипсилон во некои земји. Тој очекуваше дека проблематичниот систем за автоматско возење ќе привлече купувачи на тие пазари.
„Во врска со нашата продажба во Европа, ценам дека ќе напредуваме значително, откако ќе бидеме во состојба на клиентите да им понудиме исто искуство како на клиентите во САД“, кажа Маск.
Би Уај Ди се пробива во Германија, ОК
Додека целиот автомобилски пазар во Германија во јули напредуваше за 11 проценти, на 264.802 возила, продажбата на батериски електрични автомобили се зголеми уште повеќе, на 48.614 возила, што претставува раст од 58 проценти.
Германската статистика исто така открива дека продажбата на Би Уај Ди во јули се зголемила речиси петпати, на 1.126 возила, односно повеќе од петпати од почетокот на годината, на 7.449 возила.
Британскиот пазар во јули се скуси за 5 проценти, на 140.154 возила, додека продажбата на батериски електрични возила напредуваше за 9,1 проценти, што е помал раст во споредба со претходните месеци.
Продажбата на Би Уај Ди во минатиот месец во ОК порасна за преку 300 проценти, на 3.184 возила.
Британците предвидуваат дека батериските електрични автомобили ќе учествуваат со 23,8 проценти во вкупната продажба на автомобили во земјата годинава, што е незначително над претходно прогнозираните 23,5 проценти.
Британската влада со финансиска помош го олеснува купувањето електрични автомобили. Сепак останува незвесноста, за кои модели ќе се добиваат суибвенции, така што одреден круг купувачи е во чекање.















