Мерцедес ГЛЦ на струја ќе има премиера на ИАА во Минхен наесен

Замаскиран прототип на електричен Мерцедес ГЛЦ при тестирање на исклучителен студ на северот на Шведска во почетокот на годинава.

Новиот ГЛЦ во изведбата со електричен погон и идната електрична верзија на Ц-Класа, се првите два модели на Мерцедес-Бенц што се конструирани врз новата платформа МБ-ЕА, што е наменета за возила со електричен погон.

Електричниот ГЛЦ доаѓа во замена за Е-Ку-Ц, што Мерцедес престана да го произведува лани. Штутгартскиот производител со овој модел ќе пристапи од ново во важниот сегмент на СУВ-модели од средната класа, од премиум марка, што е седмиот најголем сегмент во Европа во првите три месеци, со продадени 137.696 возила.

Меѓу првите соперници на ГЛЦ ЕВ се Ауди Ку6 Е-трон, идниот СУВ на БМВ што е конструиран врз гласно најавуваната платформа Ное Класе, како и целосно електричната изведба на Порше Макан, што има иста платформа со Ку6 Е-трон.

ГЛЦ ќе располата со 800-волтна архитектура, што ќе овозможи брзо полнење со моќност до 320 киловати. Е-Ку-Ц имаше 400 волтна архитектура и полнеше најбрзо со моќност од 110 киловати.

Новиот ГЛЦ освен во изведба со погон назад, ќе се нуди и во изведба со погон на сите тркала, со втор погонски електромотор за предната оска. Вклучувањето на погонот на сите тркала ќе биде по желба на возачот, со цел да се смали потрошувачката на енергија, односно да се постигне подолг досег. Задниот електромотор е од сопствен развој на Мерцедес-Бенц.

Mercedes EQC 400 4matic старт производство
Електричниот Е-Ку-Ц почна да се произведува во 2019 година и остана во производство до лани. Првиот примерок беше Е-Ку-Ц 400 4Матик

Двата нови електрични модели, ГЛЦ ЕВ и Ц-Класа ЕВ, ќе почнат со продажба в година, најави Калениус пред инвеститорите на 30-ти април, при објавувањето на деловните резултати за првото тромесечје.

Двата електрични новодојденци се дел од планот на Мерцедес да лансира 25 нови или освежени модели во следните три години. Почетокот на моделската офанзива ќе се случи налето, со новата генерација на ЦЛА, со хибриден и со целосно електричен погон, којашто е значително полуксузна и технолошки супериорна.

Мерцедес-Бенц повеќе нема да го користи името Е-Ку за да ги разликува моделите со целосно електричен погон, од моделите со мотори со внатрешно согорување. ГЛЦ ЕВ ќе се продава паралелно со постоечките верзии на ГЛЦ со мотор со внатрешно согорување. Во првото тромесечје, ГЛЦ беше најпродаван СУВ од средната класа од премиум марка во Европа. Мерцедес-Бенц ја зголеми продажбата на ГЛЦ во првите три месеци за 18 проценти во споредба со лани, со 26.003 возила.

Половина од таа продажба отпаѓа на изведби со дизел мотор. ГЛЦ е петти најпродаван модел со дизел мотор во Европа во првото тромесечје, со раст од 75 проценти.

Електричен Е-Ку-Е СУВ во салонот на Мак Аутостар

Калениус го најави и новиот систем на електронски посредувано управување, што ќе почне да се вградува в година. Засега е непознато името на моделот што прв ќе го користи новиот систем. Со тоа, Мерцедес-Бенц ќе биде прв германски производител со технологија стир-бај-вајер.

Кај управувањето „преку жица“ не се користи класичен управувачки столб, туку воланот е електронски поврзан со активаторите што ги отклонуваат тркалата. Меѓу предностите е тоа што може да се менува „преносот“, односно во одредена ситуација може значително да се намали аголот на завртување на воланот, на пример, при паркирање. Според Калениус, „стир-бај-вајер е апсолутен менувач на играта.“

Претходна објаваТесла продолжи да паѓа и во април, новите светла на Модел Ипсилон не донесоа многу светлина
Следна објаваТоп 10 најпродавани модели во Европа по сегменти (Дел 3): Премиум модели, СУВ, купеа, кабриолети

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here