Електризиран Mercedes GLS како вовед за електричен Maybach EQS SUV

Кусо по моделското освежување на СУВ-панданот на E-Class, на моделот од вишата класа GLE, Mercedes го повторува чекорот кај СУВ-знаменосецот на штутгартската марка, кај GLS. Новото моделско годиште на S-Class меѓу теренците може да се очекува во салонот на Мак Аутостар кон завршетокот на октомври. Кусо пред тоа, GLS ќе стартува прво на американскиот пазар.

Напред двои впечатливата нова маска. Место две надолжни ламели во маската, сега има четири ламели. Уште една измена е тоа што место да е хромирана, маската сега е галванизирана во „silver shadow“. Моделските изведби на Maybach и AMG се разликуваат по тоа што имаат вертикални ламели во маската. Нов дизајн добија и масивната заштитна плоча за подвозјето и долните отвори за воздух.

Светлечката шема на дневните светла остана непроменета. Назад има поголеми промени. Место прстенеста светлечка шема, сега има три хоризонтални блокови. Надворешното освежување го заокружуваат новите тркала од 10 инчи, полирани до висок сјај. Најголемата димензија на тркалата што може да се нарача за Mercedes GLS досега до 23 инчи.

Додадени се уште неколку ексклузивни бои од одделението за специјални нарачки Manufaktur, вклучувајќи алпски сива и содалит-сина боја, коишто се достапни за стандардниот GLS, за AMG GLS 63 и за Maybach GLS. Посебност на Maybach останува двобојната каросерија. Кај AMG е посебен детал логото на AMG коешто е поставено на хаубата, на местото на коешто обично стои ѕвездата на Mercedes.

Mercedes-AMG GLS

Седумте седишта остануваат стандард кај GLS. Новините во внатрешноста се однесуваат  главно на облогите и украсните елементи. Клавирскиот лак со паралелни линии, што досега беше достапен исклучиво за Maybach, сега може да се нарача и кај стандардните модели GLS.

Mercedes-Maybach GLS

Вообичаено за секое моделско освежување во Mercedes-Benz, Штутгарт ја вградува најновата верзија на инфо-забавниот систем MBUX. За дигиталните инструменти може да се избира меѓу класично, спортско и ненападно прикажување. Кога ќе се вклучи режим за теренско возење, се појавуваат дополнителни параметри, како аголот на нагорнината, страничното навалување, компас или аголот на завртување на предните тркала.

Mercedes-Benz GLS


Средишниот дисплеј во теренски режим го прикажува просторот под возилото. Оваа таканаречена „проѕирна хауба“ помага да се откријат и подобро да се оценат помали и поголеми пречки, вклучувајќи длабоки ударни дупки или камења.

Сите мотори во Mercedes-Benz GLS добиваат помош од електромотор

Во понудата од мотори нема многу изненадувања. Таа и натаму се состои од шест- и осумцилиндарски мотори. Бензинците и досега беа комбинирани со 48-волтен стартер-генератор и работат како благ хибрид, а сега и дизел моторите ја добија оваа асистенција.

Моделската гама на Mercedes-Benz GLS

  • GLS 450 4Matic (381 КС + 20 КС)
  • GLS 580 4Matic (517 КС + 22 КС)
  • GLS 350 d 4Matic (313 КС + 20 КС)
  • GLS 450 d 4Matic (367 КС + 20 КС)
  • Maybach GLS 600 4Matic (557 КС + 22 КС)
  • AMG GLS 63 S 4Matic+ (612 КС + 22 КС)

Со исклучок на AMG GLS 63 и Maybach GLS 600, порасна моќноста на сите моделски изведби. Шестцилиндарските мотори имаат 20 КС екстра-помош, кај осумцилиндарците се 22 КС.

Погонот на сите тркала 4Matic се подразбира, а кој има потреба да влече тешка приколка, на пример за мал едреник или расен тркачки коњ, во GLS може да смета на капацитет до 3,5 тони. Зафатнината на багажникот се движи во опсег од 355 до 2.400 литри.

Исто како и сите големи СУВ-модели на Mercedes-Benz, луксузниот GLS се произведува во фабриката на германската марка во Таскалуза, во САД. Во септември ќе почнат испораките во САД, еден месец подоцна возилата ќе пристигнат и кај европските дилери.

Mercedes во моментов не ги објавува цените за освеженото моделско годиште, актуелниот модел во Македонија стартува од 119.990 евра за GLS 350 d 4Matic. За споредба, лимузинскиот крстосувач S 350 d 4Matic почнува од 145.000 евра.

Mercedes најавува премиера на првиот електричен Maybach

Претходна објава„Континентал“ го претстави најновиот пневматик „PremiumContact 7“
Следна објаваКако навигацијата на Lexus помага да се заштеди горивото?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here