за

Mercedes GLK се подготвува за генерациска смена

Идниот теренец на база на класата С на Mercedes за првпат ќе се нуди и во верзија AMG со 4.0 V8 со најмалку 476 КС

Следната генерација на компактниот теренец на Mercedes ќе ги напушти острите форми на актуелниот модел, но ќе го смени и името во GLC. Прототипите уште се тестираат, премиерата е напролет.

Mercedes GLK е меѓу последните модели на марката со сребрената ѕвезда што има остри линии во дизајнот на каросеријата. Но, и тоа ќе заврши наскоро. Наследникот на GLK ќе има заоблена форма, ново име и повеќе КС под хаубата. Втората генерација на Mercedes GLK, којшто премиерно беше претставен во 2008 година, ќе го смени името во GLC. Постојат две причини за менувањето на името. Прво, со менувањето на последната буква од K во C, кај компактниот теренец на Mercedes е појасно во која класа припаѓа моделот и чија техника се користи како основа. По аналогија и по пионерскиот чекор со GLA – кросоверот брз база на класата А – по претстојниот фејслифт ќе следува и промена на името на ML во GLE (G или теренски модел во гамата на класата Е), односно на големиот GL во GLS. Буквата G (од Geländewagen или теренско возило) ќе остане резервирана за класичниот теренец, за когошто неодамна беше потврдено дека ќе се произведува до 2022 година во фабриката Magna Steyr во близина на австрискиот Грац. Второ, новата номенклатура ќе овозможи пологично и поедноставно означување на идните деривати од основните модели, како на пример купе-теренецот врз база на GLE, којшто би се водел како GLE Coupe.

Исто како актуелниот модел, идниот GLC ќе ја користи како основа платформата од класата С. Понудата на бензинци ќе покрива дијапазон од 156 КС од 1,6 литар до 333 КС од трилитарски V6, додека кај дизелите може да се смета на понуда меѓу 136 и 204 КС. Освен новите мотори и системи за асистенција од актуелната класа С, за идниот компактен теренец се планираат и две специјални изведби. Едната е хибрид со надворешно полнење на батериите и системска моќост од 231 КС во комбинација со дизел мотор, додека втората изведба е верзија AMG со четирилитарскиот V8 со битурбо натполнење од Mercedes GT, со најмалку 476 КС. Актуелниот GLK не се нуди под знакот на AMG.

Изгледот на GLC ќе ги напушти острите и строги линии на GLK, но ќе бидат препознатливи стилските белези што ќе го поврзуваат моделот со комбито T од актуелната класа С. Крајниот изглед на ривалот на Audi Q5 ќе го видиме в година, на салонот во Женева, или пак на кинеското аутошоу во Шангај.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche работи на претседателската лимузина на Путин

Точно навреме: Skoda нуди погон 4х4 и во лимузинската Octavia