Најпопуларниот модел на Mercedes-Benz доби свои изведби AMG: Спортските и луксузни моделски изведби GLC 43 и GLC 63 S E Performance се придружуваат во гамата на Афалтербах.
Во двата најнови GLC-модели работи дволитарец, со тоа што во вториот случај асистира електромотор, за да се постигнат исклучителни вредности на моќноста и на перформансите што следат со тоа. GLC 63 е приклучен хибрид, што значи дека извесна километража може да помине со погон чисто на струја.
Далеку од тоа дека и „основниот“ модел GLC 43 AMG има проблеми со моќноста. Од дволитарски четирицилинарец, познат меѓу другото од A 43 AMG, се извлекуваат максимално 421 КС. При пониски вртежи асистира стартер-генератор, којшто испорачува 14 КС при поаѓање и при меѓузабрзување.
Електрификацијата зафаќа порадикално во најсилната изведба во гамата, во
AMG GLC 63 S. Тоа е истиот мотор како во AMG C 63, којшто е дел од приклучна хибридна спрега. На некои можеби ќе им недостига четирилитарскиот битурбо V8 од претходната генерација. Но, со системска моќност од 680 КС и системски вртежен момент што достига 1.020 Nm, новакот исто така покажува одлична форма. Моторот во GLC 63 S со своите 476 КС е најсилен сериски четирицилиндарец.
За уште повеќе темперамент по свијоци и поголемо возачко уживање се грижи управуваната задна оска – тркалата се завртуваат за 2,5 степени – што се вградува стандардно. Во истата насока помага и варијабилниот погон на сите тркала. Менувачот во двата модели е 9-степен со двојна спојка, со влажна спојка за поаѓање.

Дека не се изгубило ништо во способноста на погонот, најдобро сведочи забрзувањето. AMG GLC 43 го совладува стандардниот спринт за 4,8 секунди, што е за десетинка покусо од претходничката. Поголема е разликата кај AMG GLC 63, којшто спринтот го скусува за 0,3 секунда и постигнува темпо сто по 3,5 секунди.
Дизајн на AMG со маска панамерикана и четирицевен издув
Во крајната брзина нема промени кај GLC 43, таму електрониката исклучува на темпо 250. Кај посилниот GLC 63, граничникот зафаќа пет километри на час порано, на 275 место на 280 km/h. Со батеријата од 6,1 kWh, хибридниот GLC може да вози чисто на струја, иако тоа ќе трае само дванаесет километри, пред да се јави бензинецот.

Во поглед на моќноста нема сомнежи дека врвните варијанти на GLC останаа достојни за името AMG и по преоѓањето на два литри. Изгледот најмалку е проблем, AMG најде формула за неговите модели јасно да се препознаваат и лесно да издвојуваат од стандардните изведби на GLC и општо во уличната слика. GLC AMG повторно носи маска панамерикана со вертикални ламели, додека назад убедува четирицевниот издув.

Во браниците се изведени големи отвори за воздух, композитните сопирачки дискови досегаат до пречник од 390 милиметри, има и моќен заден дифузор, многу делови од карбон, амблеми AMG насекаде и тркала AMG со пречник до 21 инчи. Спортскиот издув секако дека дава и соодветна нота во звукот.
Продажбата вообичаено почнува со First Edition со екслузивни детали и многу опрема
Тоа што ги разликува AMG-изведбите од стандардната понуда се бројните детали, како надвор, така и внатре. Седиштата секако се први што се забележуваат – и се чувствуваат – во кабината. За нив може да се избира комбинација од хај-тек вештачка кожа и микрофибер, или стандардно, мека напа телешка кожа, со втиснат грб AMG. Третата опција се Performance седишта.

Воланот е нов, зарамнет долу, исто така во комбинација од кожа и микрофибер, опремен со прекинувачите што се својствени за AMG и со вртливи бирачи. Дигиталните инструменти и инфо-забавниот систем расополагаат со графика и функции што се изработени посебно за AMG.
Цената на GLC 63 ќе почнува далеку над 100.000 евра
AMG уште не објави датум кога ќе почнат нарачките и испораките на луксузните верзии на GLC со високи перформанси, но може да се очекува дека продажбата ќе стартува кон завршетокот на годинава. Исто и цените уште не се објавени, меѓутоа со вообичаениот „додаток“ може да се смета на цена од преку 100.000 евра за врвната AMG-верзија на GLC.
















