за

Mercedes GLA: Теренец од А-класа

Конкурентите BMW и Audi долго време ги имаат X1 и Q3. Марката со сребрената ѕвезда молчеше. Тоа, очигледно, било само затиште пред бура. Mercedes GLA е новата ѕвезда во класата.

Зошто Mercedes толку одолговлекуваше со модел во сегментот на компактните теренци кој расте со години и не помислува да запре? Без многу филозофија: Затоа што комбинацијата од ван и теренец никогаш не успевала. Класата А беше родена како ван и покрај неа не можеше да има ништо друго освен поголем ван – класата B. Но, работите во меѓувреме се сменија. Најмалечкото моделско семејство на Mercedes сега се базира на спектакуларната и немирна класа А. Покрај таква основа е многу полесно да се позиционираат сите други модели – ете го за пример CLA.

mercedes gla 3

Компактниот теренец GLA мери 4,42 метри меѓу браниците и качен на бандажи со големина до 19 инчи изгледа како да е излеан од едно парче. „Со GLA ја проширивме нашата моделска понуда со петта варијанта на спортски теренец во овој сегмент што е во постојан раст. GLA одушевуве првенствено со прогресивниот карактер и агилните возни својства“, изјавува Др. Јоаким Шмит. Шефот за продажба во марката е убеден дека новиот модел ќе ѝ донесе голем број клиенти на марката Mercedes со неговиот фасцинантен дизајн и високата употребливост во секојдневието.

mercedes gla 4

GLA има само една задача, да биде број еден во сегментот. Затоа и моделската понуда е толку широка. Таа почнува со GLA 200, со 1,6-литарски бензинец и погон само на предните тркала, а завршува со верзија AMG, која што исто како CLA 45 AMG и A 45 AMG вози со погон на сите тркала и ослободува над 300 КС. Единствениот конкурент за најсилната моделска верзија доаѓа од Audi, со 310-те КС на RS Q3 од неговиот 2,5-литарски петцилиндарец. BMW заостанува значително, со 245 КС во неговиот X1 28i xDrive.

mercedes gla 2

На стартот на продажбата во следната пролет, Mercedes GLA ќе биде достапен во верзиите со 1,6 и 2,0-литарски бензинци со моќност од 156, односно 211 КС. Најголема продажба се очекува од GLA 200 CDI со 136 КС и од GLA 220 CDI со 170 КС. Компактниот теренец е прв модел на Mercedes што ја поседува новата генерација на постојаниот погон на сите тркала 4Matic со варијабилна распределба на вртежниое момент. Сите верзии со овој погон имаат седумстепен менувач со двојна спојка, додека кај другите следува шестстепен мануелен менувач.

Внатрешноста не се разликува од дизајнот на класите А и CLA, што подразбира голем дисплеј врз средишната конзола и педантно уреден кокпит. Задната клупа може да се мести и по агол, а зад неа има багажник со големина од 421 до 836 литри. Цените уште не се објавуваат, но може да се очекува старт од помалку од 30.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фејслифт на Skoda Yeti: Од едно добиваш две

Audi TT: Специјална серија за половина милион примероци