за

Mercedes GLA влегува освежен во новата моделска година

Нови мотори, освежен изглед на каросеријата и на кабината, како и побогата опрема носи новото моделско годиште на компактниот теренец од Штутгарт. Врвот во гамата на GLA му припаѓа на Mercedes-AMG GLA 45 4Matic со 381 КС. Има и нова специјална серија Yellow Night Edition, достапна само за топ-моделот.

По четири години од премиерата, Mercedes GLA доживува освежување за втората половина од моделскиот век. Динамичниот изглед, лесната управливост и можноста за оставање личен печат во стилот и натаму се главните атрибути на компактниот теренец во густо запоседнатиот сегмент. Кина, САД, Германија и Велика Британија се главните пазари на GLA, како еден од седумте теренци во актуелната понуда на Mercedes, покрај GLC и неговата купе изведба, GLE и GLE Coupé, GLS и класичарот G-Class.

Mercedes GLA

Mercedes во моментов нуди најширока моделска палета од теренски возила, но и во гамата на GLA никој од конкурентите не нуди повеќе мотори – стартувајќи од дизелот со 109 КС во GLA 180 d, до дволитарскиот битурбо со 381 КС во GLA 45 4Matic.

Нов бензинец со 184 КС во моделската изведба GLA 220 4Matic

Новитети во опремата се камерата со приказ во 360 степени или пристапот без клуч, додека нова моторна изведба во гамата е GLA 220 4Matic со 184 КС и вртежен момент од 300 њутнметри, кој ја пополнува празнината меѓу бензинците со 156 и 211 КС.

Mercedes GLA

Штутгарт старуваше со нарачки веќе од 9-ти јануари, со цена за основниот модел GLA 180 за германскиот пазар од 28.940 евра. На располагање стојат вкупно шест моделски изведби со бензински мотор и пет изведби со дизел мотор, од кои половината се достапни со погонот на сите тркала 4Matic.

„Жолто ноќно издание“ ексклузивно за топ моделот GLA 45

По комплетираното обновување на моделската гама во премиум сегментот, Mercedes подготви специјална серија Yellow Night Edition, достапна за топ-моделите A 45, CLA 45 и GLA 45. Серијата се нуди само со „ноќно-црна“ или „космос-црна“ боја и препознатлива е по жолтите детали, во комбинација со графитно сива боја. На тоа се надоврзуваат бандажи во мат црна боја со жолти рабови и црна двојна ламела во маската.

Mercedes GLA

Истата шема на бои ја следи и кабината. Во стандардната опрема спаѓа аеро-пакет, амбиентално осветлување, спортски седишта со меморија и спортски волан обложен со микрофибер, и секако, со жолти штепови. Цената за A 45 4MATIC Yellow Night Edition за германскиот пазар изнесува  59.143 евра, додека за GLA 45 од специјалната серија треба да се издвојат 64.468 евра.

[FAG id=26994]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Q8 Concept ја означи новата дизајнерска ера на Audi

Tesla презеде експерт од Apple за развој на технологија за автономно возење