Предизвикот при развојот на нова генерација на автомобил со традиција и вредности како на Mercеdes E-Class не е само во техниката, туку и во дизајнот. Колку што секој детал во E-Class е нов, исто толку се препознаваат и обележјата на претходниците.
Во дизајнот на новата класа E се препознаваат типичните пропорции на лимузините на Mercedes. Долгата хауба преоѓа во покрив заоблен како кај купе и завршува со широк и заоблен заден дел. На овој начин создадената силуета се нагласува со куси каросериски превиси, долго меѓуоскино растојание и големи бандажи. Преку долгото растојание меѓу предните тркала и работ на вратата, дизајнерите постигнале E-Class и визуелно да оддава впечаток на комфорна лимузина.

За живоста во страничната слика придонесува и таканаречената карактерна линија, односно работ што почнува од предните светла и се провлекува по целата должина на каросеријата. Во долниот дел од вратите и во браниците се појавува втор раб, кој контрира на горната карактерна линија и го разигрува стилот. Страничните прозорци се ниски и издолжени, придонесувајќи лимузината да изгледа покомпактно отколку што е реално. Овој стил во дизајнерската философија на Mercedes се води како „сетилна чистота“.
Исто како кај луѓето: Носот го оддава карактерот
Предниот дел на E-Class оддава повеќе моќ отколку порано. „Носот“ се разликува во зависност од дизајнерската линија и од нивото на опрема. Основната изведба ја има класичната маска на Mercedes со ѕвезда на хаубата, а истата е надградена во линијата Exclusive. Наспроти тоа, линиите Avantgarde и AMG се препознаваат по спортската маска со голема ѕвезда на Mercedes во средина. Секоја варијанта на маската дава различен карактер на E-Class.
Предните светла имаат интелигентен „поглед“. Се забележуваат двојните веѓи во сменетата форма на дневните светла. Основната изведба доаѓа со халогени светла H7. Со доплата се достапни диодни светла со висок интензитет и динамично осветлување на патот, кои му даваат фокусиран поглед на E-Class и забележливи се и дење со двојниот „факел“ и со модерните детали.
Намерата на препознатливиот дизајн на дневните светла кај Mercedes да му се даде уште поголема маркантност е видлива јасно кај верзиите со диодни светла со високи перформанси и со повеќезрачен сноп, таканаречени Multibeam – диодни светла. Овие ја следат внатрешната контура и на посебен начин го подржуваат вклучувањето на трепкачите, на одложеното гаснење на светлата, на позициското светло и на дневното светло. На тој начин, E-Class е препознатлива и преку осветлувањето, како ноќе, така и дење. Целата светлосна група се наоѓа под панел од поликарбонат, кој е заштитен од гребаници. Куќиштето е црно, заедно со уште неколку детали, заради впечаток на длабочина и квалитет.
Спортски формиран опаш со ѕвездена прашина
Задните светла кои се втопени со формата на каросеријата и се изведени со двојна светлечка лента ја прикажуваат припадноста на E-Class во новата генерација лимузини на Mercedes, по пример на C-Class и S-Class. Строгоста на формата од предните светла се повторува. По желба, E-Class се испорачува со посебно сјајни задни светла, кои потсеќаат на ѕвездена прашина, на млечниот пат или на зажарен млазен мотор. Овој ефект се постигнува со иновативни рефлектори, со посебно изведена структура на површината на задните позициски светла, постигнувајќи висок сјај на тој начин. Во оваа специјална изведба, сите функции на задните светла ги извршуваат светлечки диоди.

Дизајнот има и безбедносна функција. Стоп-светлата и трепкачите имаат различна осветленост дење и ноќе, во рамките на прописите.
На крај, црниот елемент во задниот браник постигнува опашот да изгледа полесно и спортски. Сите линии на опрема, со исклучок на основната, поседуваат дводелен заден браник и издувни цевки од благороден челик, кои се интегрирани во браникот.
















